РОНАЛДО ГО ДОБИ СУДСКИОТ СПОР СО ЈУВЕНТУС Ќе задржи 9,8 милиони евра добиени во короната
Роналдо тврдеше дека клубот му должи 19,6 милиони евра, но судот пресуди дека треба да му се исплати половна од таа сума, на што Јувентус се жалеше.
Португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо ја доби правната битка против својот поранешен клуб Јувентус и ќе може да задржи 9,8 милиони евра што клубот од Торино му ги исплати за заостанати плати, јавија денеска италијанските медиуми.
Роналдо се пресели од Јувентус во Манчестер Јунајтед во летото 2021 година, а во 2023 година поведе арбитражна постапка против италијанскиот клуб, тврдејќи дека му должи 19,6 милиони евра за неисплатени плати за време на пандемијата на коронавирусот.
Во април 2024 година, арбитражниот совет пресуди дека Јувентус мора да му исплати на португалскиот фудбалер половина од бараната сума, или 9,8 милиони евра. Јувентус, потоа, поднесе жалба на одлуката до судот во Торино.
Италијанските медиуми јавија дека судот во Торино ја отфрли жалбата на Јувентус, што значи дека Португалецот може да ги задржи 9,8 милиони евра. Јувентус ќе мора да ги плати и трошоците за тужбата.