📽️ КУЛТНАТА ФОНТАНА „ЛОТОС“ СЕ ВРАЌА ВО ЖИВОТ Град Скопје ќе го обновува симболот на Градски парк
Со ново осветлување, урбана опрема и уреден плоштад, просторот на влезот од Градскиот парк ќе добие современ изглед.
Култната фонтана „Лотос“ на влезот од Градскиот парк во Скопје повторно ќе го добие својот препознатлив изглед, откако е започната нејзина целосна реконструкција.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку видео објава информираше дека по години запуштеност започнува обновата на едно од најпознатите и најфотографирани места во градот. Проектот опфаќа целосна санација на фонтаната, како и уредување на просторот околу неа.
Според најавите, плоштадот околу „Лотос“ ќе добие нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот ќе биде функционален и визуелно усогласен со значењето што го има за скопјани.
– Ова култно катче повторно ќе стане место за средби, прошетки и создавање нови спомени. Градот го обновуваме чекор по чекор, со конкретни дела – порача Ѓорѓиевски.
Фонтаната „Лотос“ со децении претставува симбол на Скопје и важна точка за граѓаните, а со реконструкцијата се очекува повторно да стане едно од омилените јавни простори во градот.