СТУДЕН БРАН ГО ОКОВА ЦЕЛИОТ БАЛКАН Вонредна состојба во 11 српски општини, во Хрватска измерени – 26 степени

Ситуацијата е слична и во Словенија, Босна и Црна Гора. Обилни снежни врнежи, мраз и силни северни ветрови ја зафатија и Грција, а комплицирана е ситуацијата во поголемиот дел од Албанија и Косово поради обилните врнежи од снег и дожд.

108

Студен бран го зафати регионот на Западен Балкан, а во Србија е прогласена вонредна состојба во 11 општини поради екстремно ниските температури и високите снежни наноси, јавуваат локалните медиуми. Околу 9.000 домаќинства во Србија се без електрична енергија.

Вонредна состојба е воведена во општините Ваљево, Лозница, Осечина, Крупањ, Мали Зворник, Владимирци, Сјеница, Мајданпек, дел од Пријепоље, Лучани и Ивањица. Снегот го ограничи пристапот до 15 села, а железничкиот сообраќај на линиите до Лазаревац и од Младеновац кон Белград е во целосен прекин.






Спасувачките екипи од вчера до денес интервенирале 98 пати на терен, евакуирајќи 37 лица. Од компанијата „Електродистрибуција Србија“ соопштија дека снабдувањето со струја постепено се нормализира, но се уште се работи на дефектите кај неколку илјади корисници.

Температурите во Србија деновиве се спуштија до -17 степени Целзиусови. Портокалов аларм утрово е активиран за Белград, Бачка, Банат, Срем, како и за западна и југозападна Србија. Премиерот најави седница на Штабот за вонредни ситуации за разгледување на понатамошните мерки.

Слична е состојбата и во Босна и Херцеговина, каде исто така е прогласен портокалов метеоаларм поради температури од -15 степени. Хидрометеоролошкиот институт предупреди дека студот е опасен за здравјето на постарите лица, децата и хронично болните, јави БХРТ.

Хрватска, исто така, се соочува со обилни снежни врнежи во последните денови, а најниската температура е регистрирана утрово во Лика, каде се измерени – 26 степени. Температурата во главниот град Загреб утрово е -10 степени. Метеролозите за денеска највуваат постепено разведрување и нешто потопло време.

Во Црна Гора се очекува времето да се подобри денеска, но властите ги предупредуваат возачите да внимаваат на мраз и лизгање на земјиштето, објави МИНА.

Во Словенија, температурите се исто така ниски, а најстудено денеска е во југозападна Словенија – каде што температурата рано утрово беше -21,1 степени, објави словенечкото издание „24 ур“. Во остатокот од земјата, минималните температури се движат помеѓу -19 и -10 степени.

Силен студен бран ја зафати Грција, донесувајќи ненадеен пад на температурите, обилни снежни врнежи, мраз и силни северни ветрови низ целата земја, соопштија денес локалните метеоролози.

Според „Екатимерини“, снег се очекува во планинските и ридските подрачја, но и во пониските делови од копното, каде што врнежите од снег се веќе можни на надморска височина од 300 до 400 метри.

Снег се предвидува и во ниските подрачја на источна Македонија и Тракија, во регионалните единици Сер и Халкидики, како и на неколку острови во северниот дел на Егејското Море, вклучувајќи ги Лимнос, Лезбос, Хиос и Споради.

Ситуацијата во поголемиот дел од Албанија и Косово останува комплицирана поради обилните снежни врнежи и дожд што ги погодија двете земји во последните денови, објавија албанските и косовските медиуми.

Според информациите од Албанската Национална агенција за цивилна заштита (AKMC), цитирани од ATA, најпогодените од лошото време во Албанија моментално се Скадар, Драч, Дибер, Берат, Фиер, Корча и Ѓирокастро.

Во окрузите на Скадар, се известува дека реките Дрим, Кир и Буна значително се надополниле, а некои од нив се излеале и поплавиле патишта и обработливо земјиште. Слична е ситуацијата и во Драч, каде што се известува дека се поплавени вкупно 1.800 хектари обработливо земјиште. Во окрузите на Фиер и Берат, исто така, има извештаи за поплавени земјоделски површини, како и неколку домаќинства и јавни згради.

Во окрузите на Дибер, голем дел од секундарните патишта се затворени поради обилните снежни врнежи. Во Корча и Ѓирокастро, има извештаи за лизгање на земјиштето и затворени патишта, како и за неколку семејства евакуирани поради поплави.

Од вчера, Албанските вооружени сили спроведуваат голема операција за пребарување во близина на градот Клос (Централна Албанија), каде што еден граѓанин беше однесен во својот автомобил од надојдените води на реката Мат. Според објавата на албанскиот министер за одбрана, Пиро Венгу, вкупно 22 војници учествуваат во операцијата за пребарување, поддржани од беспилотни летала и специјална опрема.

Според информациите од Косовската радиотелевизија, обилните снежни врнежи во текот на изминатите 24 часа предизвикаа тешкотии во движењето по автопатот Приштина – Пеќ (Пеќ), особено во областа на меѓународниот аеродром Адем Јашари. Во меѓувреме, обилните врнежи од дожд затворија дел од автопатот што го поврзува главниот град Приштина со јужниот косовски град Феризај, а сообраќајот се пренасочува по алтернативни патишта.

Во три општини во Косово, почетокот на вториот семестар од учебната година е откажан денеска поради лоши временски услови. Во општините Малишева (Малишево) и Дренаш, враќањето на учениците во училниците е одложено до среда, а во општина Фуш Косово – до почетокот на следната недела. Во сите други општини во земјата, вториот семестар од учебната година започна нормално, забележува Косовската радиотелевизија.

Поврзани содржини