ОД ПОПЛАВИ ДО СНЕЖНИ НАНОСИ Поплавени подруми, одрони и затворени патишта
Водата се повлекува во дел од регионите, но штетите се големи, евакуации во Кичево, поплави во Пелагонија и проблеми на патиштата.
Обилните врнежи што ја зафатија земјава изминатите денови предизвикаа излевања на реки, поплави на земјоделски површини и проблеми во сообраќајот во повеќе региони, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) во најновиот пресек на состојбата до 08:00 часот.
Пелагонија: Црна Река сè уште проблем во дел од селата
Во Битола, Могила и Новаци водата постепено се повлекува од поплавените површини, а нивото на Црна Река кај Новаци синоќа изнесувало 320 сантиметри.
Во Демир Хисар, поради оштетен мост на Боишка Река, затворен е локалниот пат кон селото Мренога. Иако поголем дел од реките се вратени во своите корита, Црна Река и понатаму се излева во атарите на селата Жван и Единаковци, каде се поплавени големи земјоделски површини.
Во Ресен, поројните дождови поплавија ниви, а во текот на денот интервенираше механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Охрид, Струга и Дебар: Подруми под вода, санацијата продолжува
Во Охрид, со изградба на заштитен насип на реката Сушица е спречено понатамошно излевање, но подрумски простории и дворови на повеќе локации сè уште се под вода.
Во струшките села Мислешево и Калишта се поплавени дворови и обработливи површини, а санацијата оди бавно поради тешкотиите со одведување на водата.
Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но засега нема опасност од излевање. Патиштата се проодни, иако има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Кичево: Евакуации и дезинфекција на поплавени домови
Во Кичево водостоите на Зајашка Река и Треска се намалени и нема закана од нови поплави. Во тек е расчистување и дезинфекција на погодените домови, додека евакуираните жители се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“, каде им е обезбедена неопходна помош.
Снег и одрони на патиштата
Во Вардарскиот регион, во ридско-планинските делови околу Кавадарци интервенирано е со механизација поради снежна покривка до 15 сантиметри.
Во Ранковце, патот меѓу селата П’клиште и Герман е непрооден поради снежни наноси, а екипи се на терен.
Во Полошкиот регион, кај Тетово и Гостивар имало паднати карпи и одрони, но дел од патиштата веќе се расчистени, додека на некои локации активностите сè уште траат.
Од ЦУК информираат дека состојбата се следи постојано и дека екипите остануваат на терен сè додека ризиците целосно не бидат отстранети.