ПОТЕРНИЦА ПО 18-ГОДИШНИОТ ВОЗАЧ И НЕГОВИОТ ТАТКО Ја усмрти жената на Народен фронт и избегал од државата

По смртоносната сообраќајна несреќа во Скопје, полицијата трага по 18-годишен возач и неговиот татко, додека две лица се приведени поради помагање во бегството.

8,003

Четири лица се осомничени за вмешаност во тешката сообраќајна несреќа што вчера се случи на улицата Народен фронт во Скопје, во која животот го загуби 79-годишна жена, а возачот што ја усмрти избега од местото на трагедијата.

Несреќата се случила околу 11:30 часот, кога патничко возило „фолксваген пасат“, управувано од 18-годишен скопјанец, удрило во повозрасната жена, која починала од здобиените повреди. Наместо да застане и да ѝ помогне, возачот го напуштил местото на настанот.






По интензивна потрага, полицијата преку системот „Безбеден град“, снимки од околните објекти и сведоштва, утврдила дека возилото е сопственост на таткото на осомничениот. Автомобилот бил пронајден пред нивниот дом, каде што бил затекнат постар член на семејството, кој бил приведен на разговор.

Истражувањето покажало дека младиот возач и неговиот татко, со помош на уште две лица, ја напуштиле државата истиот ден по несреќата. Двајцата помагачи се уапсени и против нив е поднесена кривична пријава поради помагање во бегство по извршено кривично дело.

Против 18-годишниот возач е поднесена кривична пријава за тешко кривично дело против безбедноста во сообраќајот и за неукажување помош на повредено лице. За него и за неговиот татко е распишана потерница, а полицијата презема мерки за нивно пронаоѓање.

Во меѓувреме, пронајдени се и одземени двете возила – „фолксвагенот“ со кој е усмртена жената и „мерцедесот“ со кој осомничените ја напуштиле државата. За случајот е известено Основното јавно обвинителство, кое ја продолжува постапката.

Поврзани содржини