Застрашувачко заробување на политиката

Или, доволно е да ја погледнете онаа блуткаво бизарна фотографија на Зеленски, Макрон и Стармер после таканаречениот самит на „Коалицијата на волјата“ и сѐ да ви стане јасно за политиката денес: она одвратно „мажествено“ прегрнување помеѓу шутракот Зеленски и фолирантот Макрон, оној веќе патетичен Стармер кој завидливо го гледа тој излив на решително меѓусебно „охрабрување“ кај двајцана но без него, просто го „читате“ задоволството на европејскиве „големци“ што нашле глупандер да го праќа својот народ во смрт за нивни профити.

601

Не мора да го земате за пример Трамп и неговите „политики“ односно „политички“ ставови зашто тие тоа и не се. Па ни Путин (иако, сепак, има разлика, нели), или Мадури како екс-претседател на земја најбогата со нафта но и со неверојатно сиромашно население… Доволно е, на пример, да ја прочитате изјавата на Франк Волтер Штајнмаер, претседател на Германија, кој важеше за сериозен, умен политичар и државник, а сепак, апропо „политиките“ на Трамп, алудира дека светот „(…) се претвори во дувло на разбојници, каде што бескрупулозните земаат што сакаат, каде што регионите и цели земји се третираат како сопственост на неколку големи сили“!

И логично, се прашувате: а каде припаѓа неговата држава? Во некој друг свет а не во она криминално друштво викано еу (малите букви се соодеветни на нејзиниот морал)? И ги поддржува оние разбојничко-постимперијалистички акции на нејзини членки во трети земји (Сирија, Африка…), или крвожедните изјави на онаа простачка Калас која глуми министерка за надворешни работи и која, во сето нејзино незнаење, сега глуми светска сила и им отвора „фронт“ дури и со Кина? Или, конечно, „политиките“ на таа банда спрема Македонија?! И како тоа разбојничките акции на едни се „кршење на вредностите“ упатени контра „овој светски поредок“, а истите на неговите партнери тоа не се? И кој, конечно, ако не баш тој и нему сличните го утврдија како неприкосновен овој и ваков светски поредок? И кој воопшто им го даде тоа право – особено на Германија, после сѐ – тие да утврдуваат некаков светски поредок?






Или, доволно е да ја погледнете онаа блуткаво бизарна фотографија на Зеленски, Макрон и Стармер после таканаречениот самит на „Коалицијата на волјата“ и сѐ да ви стане јасно за политиката денес: она одвратно „мажествено“ прегрнување помеѓу шутракот Зеленски и фолирантот Макрон, оној веќе патетичен Стармер кој завидливо го гледа тој излив на решително меѓусебно „охрабрување“ кај двајцана но без него, просто го „читате“ задоволството на европејскиве „големци“ што нашле глупандер да го праќа својот народ во смрт за нивни профити… Па кога ќе се сетите дека токму тие и таквите како нив – доволни ви се онаа Мелони, или Руте, или главната „мадам“ – решаваат и за Македонија, просто горите од желба да им кажете: не, благодариме.

Оние кои мислеа (меѓу нив и една Хана Арент) дека човештвото до 1945та година успеа да ги поништи сите илузии и морални вредности на дотогашната цивилизација сега би биле запрепастени до каде стаса тоа исто човештво кое се колнеше „никогаш повеќе“! Ако тоа што се случувало до 1945 година Арент го карактеризираше како резултат на „немислење“ односно одбивање да се мисли, сега тоа е тотална блокада на умот,  немислење на десетта степен комбинирано со нечинење, немешање, неумеење, несакање… Впрочем, сето тоа можеби беше веќе навестено со оној страотен блесок над Хирошима и Нагасаки? „Уметност на политиката“ (Бизмарк) трансформирана во „уметност“ на убивањето, измачувањето, страдањето, жртвите… само со сменети страни! И перспективи, односно: таквата „политика“ си се самонарече – нов светски поредок и нова светска политика.

Оттогаш наваму, полека се бришеа границите помеѓу доброто и злото, моралното и неморалното, разбојништвото и политиката… Сѐ што важело до вчера – веќе не важи! Или, она што Арент го посакуваше „да се биде дома во светот“ денес би значело да се биде – бескуќник. Ни дома веќе не сте дома зашто некој друг ви го уредува домот! Или не ве пушта да влезете, сеедно. Европа, за волја на вистината, долго одолеваше на пустошот на аматеризацијата и криминализацијата на политиката. Но не издржа. Уште вчера, додека ја апсеа претседателката на европскиот парламент заради корупција, главната „мадам“ ни држеше лекции дека кај нас владее криминал и корупција; задвчера, додека оној блефер Макрон ни ја подготвуваше „јамката“, пардон – рамката, го судеа неговиот претходник за криминал и корупција, а денес неговата „госпожа“ ги нарекува феминистичките активистки „sales connes“ (глупави кучки),…!

Секако е нормално што Аристотеловото разбирање на државата, нејзините функции и човекот како zoon politikon (државата е заедница со цел да овозможи на нејзините членови да живеат добро, „нејзина цел е одличен и себедоволен живот“ итн.), се развивале низ вековите, но политиката, во самата нејзина сушност, останала активност низ која се остварува слободата. И Арент – несомнено еден од најкомплексните умови на дваесеттиот век – смета дека секое делување е можно само како политичка активност која се случува во јавниот простор… Но што остана од таа активност и од тој „јавен простор“? Активноста е заменета со сила а просторот со нов светски поредок. И од кого? Од простаци, неуки и неизживеани типови желни само за профит. И богатства, по можност – туѓи!

Одамна нема политичко делување како разговор помеѓу рамноправни луѓе кои размислуваат различно односно различно го посматраат и доживуваат своето опкружување и светот. И бараат соодветни одговори односно решенија за разликите. Зашто, само тој тип на комуникација може да се нарече политика а тие луѓе zoon politikon. Останатото е багра, разбојничка банда, онаа која ја спомнува и Штајнмаер, иако со сите сили сака себеси да се исклучи од неа (ех, кога тоа би било така лесно!). Тогаш тоа не е политика туку е – заробување, окупација на политиката! Зашто, денес, дејствијата на клучните актери на новиот светски поредок не се ништо друго туку страотна приватизација и заробување на политиката, а со тоа и на слободата на оној Аристотелов zoon politikon!

Каде сме ние во овој политикантски хаос? Па, речиси на самото дно, ако не и подолу. Кај нас дијалогот како политичка активност одамна е заменет со пцовки, а размислувањето односно менталните активности се сведени на нула. Затоа и дејствувањето ни е такво – во постојан пад. Не се ни обидуваме да ги објасниме нешата, уште помалку да ги разбереме. Најлесниот излез е вистинскиот излез? Е па не е. Ниту бил. Да беше така, нашата приказна ќе завршеше уште во 1941 година. Ама тогаш имало луѓе кои размислувале и разбирале. И делувале. Да се разбере, вели Арент, значи да се испита и свесно поднесе товарот што ни го навалил нашиот век – без оспорување и без понизно поднесување. Накратко, разбирањето значи подготвено да се соочиш со реалноста и да ѝ се спротивставиш без размислување – каква и да е“!

Не е лесно? Е па не е. Полесно е да кажете „Аман веќе со Бугарите“ отколку да размислите што тоа веќе утре значи. Ама – размислувањето е напор, нели. Уште полесно е да поддржувате пајташи од некогашната најкриминална коалиција а другите да ги нарекувате – криминалци. А одбивањето дијалог да го толкувате како одбрана на слободната волја на граѓаните (sic!). Не можете да се нарекувате политичар, уште помалку лидер, со мафијашки опашки зад вас поврзани со „Провизии од модуларни болници, тендери за јаглен за ЕСМ со лични подароци, вакцини купувани по двојно повисоки цени и трагедијата во Тетово со 14 живи изгорени луѓе“ (ЗНАМ).

Од друга страна, насловот „Застрашувачко заробување на политиката“, на второ читање, може комотно да се смени во „Застрашувачко заробување на животот“ зашто одамна е очигледно дека тоа што денес се нарекува политика не е само еден сегмент од животот па можете дури и да го занемарите, да го турнете настрана. Тој сегмент не само што е важен, туку најчесто е и пресуден, зашто тезата на Аристотел дека сѐ е политика секојдневно нѐ удира в лице. А кога гледате од кого денес ви зависи животот тогаш нештата стануваат уште позагрижувачки!

Поврзани содржини