🎥 ВО НАЈЛУДАТА НОЌ ЗАПАДНА ЕВРОПА ПОТОНА ВО НАСИЛСТВО И ВО ХАОС Бес на улиците, жестоки инциденти со пиротехника, десетици повредени полицајци
Иако нема официјални информации и проценки дека немало мигрантска позадина, нема дилеми дека тоа е уште една ерупција на социјалните тензии во големите европски градови.
Новогодишната ноќ која Европа традиционално ја слави со масовни јавни собири и огномети, годинава во повеќе земји од Западна Европа помина во знакот на сериозни безбедносни инциденти, насилства, пожари и масовни полициски интервенции.
Амстердам, Берлин, Брисел, Антверпен и бројни француски градови влегоа во 2026 година со сцени што повеќе потсетуваа на урбани немири отколку на празнична атмосфера.
Холандија: 250 апсења, 2 жртви и историска црква уништена во пожар
Во Амстердам и во други холандски градови, полицијата регистрираше околу 250 приведувања поради насилно однесување, употреба на опасна пиротехника и напади врз службите за итна помош.
Полицијата и пожарникарите беа мета на директни напади со петарди и со ракети, а низ земјата беа евидентирани десетици пожари, од кои дел намерно подметнати.
Новогодишната ноќ во Холандија имаше и фатални последици. Две лица го загубија животот во несреќи поврзани со пиротехника: 38-годишен маж во местото Алсмер, во близина на Амстердам, и малолетно лице во Најмеген. Болниците пријавија зголемен број пациенти со изгореници, тешки повреди на рацете и очите, а дел од повредените биле деца.
Посебно внимание привлече пожарот во Вонделкерк, историска нео-готска црква од 1872 година во Амстердам, која целосно изгоре во текот на ноќта. Истрагата сè уште трае, но властите не ја исклучуваат можноста пожарот да е предизвикан од пиротехника.
Овие инциденти во Холандија се случија во момент кога земјата се подготвува за строга национална забрана за продажба на огномети за граѓаните, што дополнително ја вжешти јавната дебата.
Германија: Берлин под опсада, 430 приведени и 35 повредени полицајци
Во Берлин, новогодишната ноќ помина под засилени безбедносни мерки, со ангажман на околу 3.200 дополнителни полицајци. И покрај тоа, градот беше погоден од бројни насилни инциденти, особено во делови каде полицијата беше директно нападната со пиротехника.
Според официјалните податоци, околу 430 лица биле приведени, а 35 полицајци се повредени, од кои најмалку 22 директно од пиротехнички средства. Дел од повредите се опишуваат како сериозни, со изгореници и повреди на лицето и рацете. Покрај тоа, берлинската полиција отвори околу 800 истраги и кривични постапки, поврзани со напади врз службени лица, нарушување на јавниот ред, нелегална употреба на експлозивни средства и подметнување пожари.
Во неколку квартови беа запалени контејнери и возила, а полицијата зборува за „организирано и координирано насилство“ од групи млади лица.
Белгија: пиротехника, молотови коктели и над 160 апсења
Во Брисел, полицијата интервенираше во стотици инциденти во текот на новогодишната ноќ. Пријавени се 63 административни апсења, а во повеќе населби службите за итна помош биле таргетирани со пиротехника. Во одделни случаи, полицијата пронајде молотови коктели и импровизирани експлозивни направи, што сериозно ја зголеми безбедносната загриженост.
Двајца полицајци беа повредени во директни судири, а оштетени беа и возила на јавниот превоз.
Во Антверпен, ситуацијата беше уште понапната. Тамошната полиција соопшти дека 104 лица биле приведени, поради подметнување пожари, напади со пиротехника и насилно однесување. Беа регистрирани пожари на возила и урбана опрема, а полицијата во неколку наврати употреби солзавец за растерување агресивни групи.
Франција: 1.173 запалени возила и 505 приведени
Во Франција, новогодишната ноќ традиционално е чувствителна од безбедносен аспект, а годинава бројките на инциденти повторно беа застрашувачки. Министерството за внатрешни работи соопшти дека низ земјата се запалени 1.173 возила, што е зголемување во однос на претходната година.
Вкупно 505 лица беа приведени, а 403 од нив беа задржани во полициски притвор. Иако властите оценија дека во дел од градовите немирите биле „помалку интензивни“ отколку во минатото, бројот на пожари и насилни инциденти остана сериозен показател за хроничниот проблем со урбаното насилство за време на празниците.
Има ли мигрантски бекграунд на протестите?
И покрај бројните шпекулации на социјалните мрежи, не постојат официјални докази за организирани мигрантски протести како дел од новогодишните инциденти. Властите во Германија, Белгија и во Холандија не соопштија податоци што директно ги поврзуваат насилствата со координирани акции на мигрантски групи.
Сепак, дел од инцидентите се случија во социјално чувствителни урбани зони, каде прашањата за интеграција, сиромаштија и маргинализација одамна се предмет на јавни и политички дебати. Тоа повторно ја отвори темата за социјалните тензии во големите европски градови, но без официјални квалификации за етничка или за мигрантска позадина на настаните.
Крајот делото го краси – што се случуваше во 2025 година?
Во 2025 година, социјалните тензии во големите европски градови сè појасно се манифестираа преку урбано насилство, човечки жртви и масовни судири со полицијата, често поврзани со настани што формално немаат политичка димензија – спортски прослави, јавни собири или спонтани протести.
Еден од најилустративните примери се случи во Франција, каде што прославите по голем спортски успех на крајот на мај 2025 година прераснаа во сериозни немири. Во текот на една ноќ беа регистрирани две жртви, најмалку 192 повредени лица, повеќе од 500 апсења и 264 запалени возила. Француските власти овој тип на инциденти го опишаа како „празнично насилство“, кое се повторува во социјално ранливи урбани зони, каде што комбинацијата од алкохол, маса и хронично незадоволство лесно ја надминува границата на контролата.
Вториот јасен тренд во 2025 година беше зголемената насоченост на насилството кон полицијата и кон јавните институции, особено за време на протести поврзани со социјални и економски прашања. Во повеќе наврати во Париз и во други француски градови, протестите против буџетски кратења и економски мерки завршуваа со фрлање проектили кон полицијата, палење контејнери и масовни приведувања. Во септември, за време на координирани протести со блокади на сообраќај и јавни простори, беа регистрирани околу 300 приведени лица, а локалните власти зборуваа за „познат модел на ескалација“, при кој дел од демонстрантите, но и групи што немаат директна врска со протестите, ја користат состојбата за судири и вандализам.
Овој образец се повторуваше и во други европски метрополи, создавајќи чувство дека јавниот ред станува сè потешко одржлив при масовни собири.
Третиот, подлабок слој на социјалните тензии во 2025 година е хроничното насилство поврзано со криминални мрежи и маргинализирани урбани средини, кое постојано ја храни општата несигурност.
Во Шведска, и покрај тоа што бројот на пукања во текот на годината се намали на 147 инциденти, бројот на загинати остана висок – 43 лица, што покажува дека смртоносното насилство е концентрирано во релативно мал, но опасен круг. Шведската полиција процени дека околу 17.500 лица се активни членови или блиски до криминални банди, што ја прават интеграцијата и безбедноста еден од клучните општествени проблеми.
Атмосферата дополнително се влоши по масовен напад со огнено оружје во градот Еребру, каде што загинаа 11 лица, настан што силно ја потресе јавноста и ја засили перцепцијата дека 2025 година беше период на висок безбедносен и социјален стрес во европските градови, каде што сиромаштијата, маргинализацијата и насилството сè почесто се испреплетуваат.
По утрото денот се познава – хаосот ќе продолжи и во 2026 година
По 2026 година тешко дека може да се очекува драматично смирување на состојбата во големите европски градови. Сигналите од крајот на 2025 укажуваат на континуитет на урбаните тензии, со повремени ескалации за време на масовни собири, празници и протести.
Европските влади веќе најавуваат засилено полициско присуство, пошироки забрани за пиротехника и побрзи постапки против насилство врз службени лица, но досегашното искуство покажува дека овие мерки најчесто имаат краткорочен ефект. Тие го намалуваат бројот на инциденти во конкретен момент, но не ја менуваат динамиката во квартовите каде социјалната маргинализација, невработеноста и недовербата кон институциите создаваат постојан потенцијал за насилство.
Паралелно со тоа, во 2026 година се очекува понатамошна политизација на безбедносните прашања. Темите за миграцијата, интеграцијата и јавниот ред веќе доминираат во јавниот дискурс во Германија, Франција, Холандија и во Белгија и ќе добијат уште поголема тежина во изборните циклуси. Во таков амбиент, секој поголем инцидент лесно може да стане симбол за „изгубена контрола“ или „неуспех на системот“, што дополнително ја поларизира јавноста.
Без долгорочни политики насочени кон образование, локална превенција и социјална кохезија, 2026 година најверојатно ќе помине во реактивно справување со кризи, со силен безбедносен одговор, но со ограничен напредок во решавањето на длабоките причини зад урбаното насилство.