СКОПЈЕ ГИ НАГРАДИ СВОИТЕ ХЕРОИ Признанија за најдобар пожарникар, полицаец и крводарител за 2025 година

Игор Станишев, Кристијан Стефановски и Виолета Гиноска добија признанија за својата посветеност, храброст и човечност.

49

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска свечено ги додели признанијата за најдобар пожарникар, полицаец и крводарител на градот за 2025 година. Со оваа свеченост се оддаде признание на исклучителните луѓе чија посветеност, храброст и човечност го прават Скопје поубаво и посигурно место за живеење.

– Овие признанија им припаѓаат на исклучителни и докажани луѓе во своите професии, посветени, одговорни и хумани личности, избрани од своите колеги. Нивната работа и пожртвуваност се вистинска мисија во служба на граѓаните и градот – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.






За најдобар пожарникар за 2025 година е прогласен Игор Станишев, командир на одделение во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Тој учествувал во гаснење на бројни пожари и интервенции, со што спречил големи материјални штети и спасил бројни животи.

Признанието за најдобар полицаец му припадна на Кристијан Стефановски од ПС Карпош, предложен од СВР Скопје – ЕПСОНРС. Тој е препознаен по исклучителната посветеност, професионализам и значаен придонес во остварувањето на бројни полициски активности и конкретни резултати.

Најдобар крводарител за 2025 година е прогласена Виолета Гиноска, предложена од Црвениот крст. Со повеќе од 45 дарувања на крв, таа е симбол на хуманост и алтруизам, посветена на спасување животи и помагање на заедницата.

– Од срце им благодарам на овие херои. Тие се доказ дека вистинските вредности живеат меѓу нас и дека секој чин на храброст, пожртвуваност и хуманост го прави Скопје посилно и похумано место за живеење. Нека нивниот пример биде поттик и инспирација за сите нас – додаде градоначалникот.

Поврзани содржини