НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР БИ МОЖЕЛ ДА БИДЕ ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ Министерот Алиу смета дека пренамената е брзо и поевтино решение
Ги анализираме сите аспекти, експертите ќе кажат каде треба да се инвестира. Во првиот квартал од 2026 година ќе знаеме каде ќе се вложува за нов клинички центар, вели министерот за здравство Азир Алиу.
Едно од решенијата за нов клинички центар во Скопје е пренамена на Градската општа болница „8 Септември“, поради тоа што има цврста градба која ги задоволува сите услови кои мора да ги задоволува една институција, инфраструктурата е поврзана со два булевари и има слободен простор за градење на нова инфраструктура, најави денеска министерот за здравство Азир Алиу.
На денешната средба со новинарите тој посочи дека дефинитивно ни треба нов клинички центар, бидејќи терциерното здравство е врв на здравствените услуги во секоја држава.
– Тука, освен здравствените услуги, се поврзува и компонентата на нови технологии, нова методологија и нов пристап кон услугите во здравството. Затоа продолжуваме со идејата дека мора да има нов клинички центар. Експерти прават временска и финансиска рамка. Временска рамка ни треба, бидејќи неколку години се зборува и сакаме навистина побрзо да дојдеме до нов клинички центар. Едно од решенијата е ГОБ „8 Септември“, ценам дека така побрзо и поевтино ќе дојдеме до нов клинички центар. Експертите ќе кажат каде треба да се инвестира. Во првиот квартал од 2026 година ќе знаеме каде ќе се вложува за нов клинички центар – рече Алиу.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што ќе биде со вработените во ГОБ „8 Септември“, рече дека дефинитивно се размислува и за тоа и не само за тоа.
– За креирање на нов клинички центар надвор од постоечкиот има и услови што треба да бидат задоволени. Да не заборавиме дека дел од Клиничкиот центар се и медицинскиот, фармацевтскиот и стоматолошкиот факултет. Ги анализираме сите тие предизвици, како и секундарното здравство кое во моментов е во ГОБ „8 Септември“. Таа постапка на дефинирање каде ќе биде новиот клинички центар не е едноставна. Дефинитивно размислуваме и за секундарното здравство и за услугите кои ги нуди ГОБ „8 Септември“ – додаде Алиу.
Тој рече дека очекува во првата половина од 2026 година да имаме најдобар паркинг во кругот на Клиничкиот центар, целосно смарт паркинг, како и катна гаража.
– Ќе има доволно паркинг-места за вработените, пациентите и сите кои сакаат да бидат дел од таа инфраструктура во Клиничкиот центар – истакна министерот Алиу.
Посочи дека денеска имал состанок со новиот директор на Јавното претпријатие „Градски паркинг“, Владимир Кроневски и се договориле за динамиката на работа.
– Завршија административните процедури. Се очекува до средината на наредната недела во Службен весник да бидат дефинирани тие парцели за кои елаборатот помина. После тоа немаме никаква процедура, само треба да имаме прес-конференција со директорот, да се потпише договорот и да се почне со работа – рече Алиу.