ПУТИН „ПРИЈАТЕЛСКИ“ ГО СОВЕТУВАЛ ДИГИТАЛНИОТ ГУРУ ДА ЈА НАПУШТИ РУСИЈА Фасцинантна биографија за сопственикот на Телеграм, Павел Дуров

Книгата „Популист“ од Николај Кононов го следи подемот на 41-годишниот Дуров - од штитеник на науката од Санкт Петербург до основач на „Телеграм“ - една од највлијателните комуникациски платформи во светот.

1,861

Технолошки визионер, дисидент на Кремљ, агент на ФСБ, апсолутист за слобода на говорот, здравствен гуру – ова се само дел од епитетите што обожавателите и критичарите му ги припишуваат на Павел Дуров изминативе 10 години. Рускиот технолошки претприемач ја основа руската верзија на „Фејсбук“, пред да ја создаде апликацијата за пораки „Телеграм“, да лансира свој екосистем за криптовалути и да натрупа богатство коешто се брои во милијарди. Сѐ тоа водеше и до повеќекратни средби со властите во Русија, но и пошироко. Сепак, голем дел од приказната останува нејасна, а објавувањето на неговата биографија би можело да го промени тоа.

Книгата „Популист“, напишана од независниот руски писател Николај Кононов, го следи подемот на 41-годишникот – од штитеник на науката од Санкт Петербург до основач на „Телеграм“ – една од највлијателните комуникациски платформи во светот, којашто денес има повеќе од милијарда корисници.






Кононов ја опишува книгата како производ на 14-годишен напор за мапирање на стратегијата и начинот на размислување на Дуров, потпирајќи се на разговори со самиот Дуров и луѓето што работеле со него, како и со соперниците.

– Насловот на книгата се однесува на нишка што се провлекува низ животот на Дуров – неговата желба да разговара директно со милионите корисници на Телеграм, што му овозможува да ги заобиколи институциите, печатот и кој било систем на претставување. Дуров е еден од првите дигитални популисти, изјави писателот во едно интервју

И „ВКонтакте“ – првиот потфат на Дуров, и „Телеграм“ повремено ги испраќале пораките на Дуров директно до сите корисници, вклучително и оние кои не се регистрирале, истакнувајќи го неговиот либертаријански поглед на светот.

– Тој се гледа себеси како визионер. И јасно сака да биде слушнат, додаде Кононов.

Дуров, се вели, не е исклучок, туку дел од поширок нов бран могули, највидливи во САД, пред сѐ, кои ја комбинираат технолошката доминација со претерано чувство за лична митологија и длабоко сомневање во владините ограничувања. Како и Илон Маск, Питер Тил и Џеф Безос, и Дуров покажа голем интерес за науката, за долговечноста, како и за пронатализмот, верувањето дека имањето што е можно повеќе деца е општествено-цивилизациска должност.

Дуров не пие алкохол, ниту користи дрога, вели Кононов. Напротив, тој редовно дели „спартански совети“ за здравјето – честопати придружени со фотографии од себе без маица. Се вели и дека има десетици деца – потомци, преку дарувањето сперма.

Можеби еден од највпечатливите делови од книгата е оној што првпат го раскажува напнатиот состанок на Дуров со рускиот претседател Владимир Путин во 2014 година, одржан зад затворени врати. Пред Кононов, Дуров ја опишал средбата како еднонасочен разговор, во којшто Путин го прекорил Дуров за „нелегална содржина“ на „ВКонтакте“ и му предложил на иноваторот да ја напушти земјата.

Под притисок од властите, Дуров го продаде својот удел во „ВКонтакте“, ја напушти Русија и се пресели во Дубаи, каде што го основа „Телеграм“.

Дуров има и француско државјанство, но беше приведен во Франција и задржан три дена лани во август – како дел од истрагата за злосторства поврзани со „Телеграм“. Се спомнуваа слики од сексуална злоупотреба на деца, трговија со дрога и измамнички трансакции.

Меѓу гласините и обвинувањата што кружаат за Дуров е и тоа дека има тајни врски со руските безбедносни служби. Кононов вели дека неговото истражување не пронашло докази дека рускиот милијардер соработувал со или во име на руската држава.

Поврзани содржини