НИЕДНА ПРОСЛАВА НЕ ВРЕДИ ЖИВОТ Ангелов со сериозно предупредување пред Нова година

Дирекцијата за заштита и спасување бара строго почитување на противпожарните мерки и забрана за пиротехника во затворени простории.

456

Во пресрет на новогодишните и предновогодишните прослави, кога угостителските објекти се полни, а се организираат и бројни јавни забави, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) упати јасен апел до сопствениците и организаторите строго да ги почитуваат безбедносните правила и противпожарните прописи.

Од ДЗС предупредуваат дека непочитувањето на основните мерки може директно да го загрози животот и здравјето на посетителите, но и на вработените, особено во услови на зголемена посетеност и употреба на украсни и електрични инсталации.






Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, нагласува дека безбедноста мора да биде приоритет, без разлика на профитот или бројот на гости.

– Ниту една прослава, ниту една забава не вреди повеќе од човечкиот живот. Апелираме до сопствениците и организаторите строго да го почитуваат дозволениот број посетители, да обезбедат исправна противпожарна опрема и слободни излези за евакуација – изјави Ангелов.

Според него, посебно загрижува практиката на блокирани или заклучени излезни врати, како и користењето пиротехника во затворени простории.

– Излезите мора да бидат отклучени и постојано проодни. Забрането е користење пиротехнички средства и отворен пламен во затворени простории, бидејќи токму ваквите пропусти најчесто доведуваат до трагични последици – предупредува директорот на ДЗС.

Од институцијата потсетуваат дека секој објект мора да располага со исправна и редовно одржувана противпожарна опрема, а персоналот да биде обучен и подготвен да реагира во случај на пожар или друга итна состојба.

– Почитувањето на овие мерки не е само законска обврска, туку и морална одговорност кон гостите и вработените. Нашата цел е новогодишните прослави да поминат во весела, но пред сè безбедна атмосфера – додава Ангелов.

Од ДЗС се заблагодаруваат и на медиумите за нивната улога во подигањето на јавната свест за превенција од пожари и други опасности, нагласувајќи дека само со заедничка одговорност може да се избегнат несакани инциденти за време на празниците.

Поврзани содржини