САД СЕ РАНЛИВИ, ШОКАНТЕН ИЗВЕШТАЈ НА ПЕНТАГОН Американската безбедност е загрозена од една земја
Американското Министерство за одбрана предупредува на брза модернизација на кинеската армија и можна воена ескалација во Азија.
Забрзаниот и без преседан развој на кинеската војска ги направил Соединетите Американски Држави „поранливи“, се наведува во најновиот годишен извештај на Министерството за одбрана на САД, доставен до Конгресот.
Во извештајот, објавен синоќа, Пентагон предупредува дека „големиот и растечки“ арсенал на Кина – кој вклучува нуклеарно оружје, поморски и конвенционални капацитети со долг дострел, како и сајбер и вселенски способности – претставува директна закана за националната безбедност на САД.
Според проценките на американското Министерство за одбрана, Кина бележи континуиран напредок кон своите стратешки цели поставени за 2027 година. Меѓу нив се наведуваат „одлучувачка и стратешка победа“ над Тајван, воспоставување „стратешка противтежа“ на САД во нуклеарните и другите критични области, како и „стратешко одвраќање и контрола“ врз земјите во регионот.
Пентагон проценува дека Пекинг очекува да биде способен да води и да добие војна против Тајван до крајот на 2027 година.
Во извештајот се нагласува дека огромните инвестиции и брзиот технолошки развој значително придонеле за модернизацијата на Народноослободителната армија на Кина.
„Од првата целосна година од мандатот на Си Џинпинг како генерален секретар на Комунистичката партија на Кина, официјалниот воен буџет речиси се удвои. Пекинг интензивно го забрзува развојот на напредни воени технологии, вклучувајќи воена вештачка интелигенција, биотехнологија и хиперсонични ракети“, се наведува во документот.
Американското Министерство за одбрана посочува дека во текот на 2024 година, официјален Пекинг, и покрај изразените билатерални тензии, продолжил да инсистира на комуникација со Вашингтон. Контактите, особено на работно ниво, Кина ги смета за корисни за „проценка на намерите на САД, обликување на нивното однесување и создавање стабилна меѓународна средина погодна за кинескиот развој“.
Во однос на кинеско-руските односи, Пентагон оценува дека, и покрај продлабочената соработка, Пекинг и Москва сè уште не се подготвени за формален одбранбен сојуз со заемни безбедносни гаранции.
„Меѓу Кина и Русија сè уште постои значително ниво на недоверба, што веројатно ќе ја ограничи соработката во чувствителни области. Кина, исто така, во голема мера ја намали воената поддршка за Русија во војната во Украина“, се наведува во извештајот.
Според проценката на Пентагон, воздржаноста на Пекинг во однос на Москва му овозможила да ги ублажи потенцијалните репутациски и економски последици поврзани со глобалното однесување на Русија.
Пентагон ја идентификува Кина како долгорочен „предизвикувач во подем“ и како одговор ја интензивира соработката и трговијата со оружје со сојузниците и партнерите во регионот.
Од друга страна, Пекинг тврди дека неговиот воен развој е исклучиво одбранбен по природа и го обвинува Вашингтон дека се обидува да го спречи подемот на Кина како глобална сила.