📽️ ПОСИЛНИ ДОКАЗИ И ПОБРЗИ ИСТРАГИ Полицијата добива моќна алатка против криминалот
Новото стрелиште ќе овозможи безбедни балистички испитувања, подобра обука на кадарот и поцврсти докази пред судовите.
Во Министерството за внатрешни работи денеска беше отворено ново, современо стрелиште – балистичка лабораторија, со кое сите форензички испитувања на балистички докази поврзани со мало и лесно оружје ќе се извршуваат во безбедни и контролирани услови, согласно меѓународните стандарди.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека ваков капацитет е клучен за ефикасната работа на полицијата и зајакнување на довербата во истражните постапки.
– Потребата од вакво стрелиште е повеќе од јасна. Секоја полициска организација ја зголемува својата ефикасност кога располага со стрелиште оформено како лабораторија за балистички истражувања. Тоа овозможува тестирање на оружје и муниција во строго контролирани услови и добивање сигурни и споредливи резултати – изјави Тошковски.
Според него, новото стрелиште ќе служи и како центар за обука на стручен кадар, што директно ќе влијае врз квалитетот на истрагите и јакнењето на доказите пред судските органи.
– Прецизните резултати значат поголема доверба во истрагите и посилни докази во судските постапки. Со овој капацитет, полицијата добива моќна алатка за побрзо, потемелно и пообјективно расветлување на кривични дела – додаде министерот.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Григорјан, нагласи дека и покрај напорите, поседувањето, злоупотребата и нелегалната трговија со мало и лесно оружје и понатаму претставуваат сериозна закана за безбедноста на граѓаните.
– УНДП, заедно со донаторите, останува посветен на поддршката на Министерството за внатрешни работи во справувањето со овој проблем. Ваквите иницијативи се од клучно значење за градење на мир, правда и силни институции, во согласност со целите на Агендата 2030 – изјави Григорјан.
Новата балистичка лабораторија овозможува напредни анализи на траектории, отпечатоци од цевки и други микроскопски траги, што е од суштинско значење за утврдување дали одредено оружје е користено во конкретно кривично дело.
Инвестицијата во стрелиштето изнесува околу 200.000 американски долари и е реализирана во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на системот за форензика и истрага на местото на настанот за подобрување на кривично-правната контрола на мало и лесно оружје“. Проектот го спроведува УНДП во рамки на Патоказот за контрола на мало и лесно оружје на Западен Балкан, чиј потписник е и Македонија.
Донатор на проектот е Мултилатералниот доверителен фонд на Обединетите нации за мало и лесно оружје на Западен Балкан, составен од Германија, Холандија, Шведска, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка, со поддршка од Европската Унија.