Учениците ќе следат настава до крајот на месецов и потоа заминуваат на зимски распуст. Ќе нема порано распуштање поради загадувањето, рече министерката Весна Јаневска на новинарско прашање и додаде дека до крајот на првото полугодие остануваат уште малку денови.
Таа порача дека треба да се напушти негативната појава од минатото кога од различни причини се скратувале учебните денови.
– Жал ми е што мора да направам груба споредба, но во некои европски земји децата и кога имаат грип, и во градинки и на училиште, одат на настава сѐ додека нивното здравје не е загрозено. Ова го велам поради коментарите дека нашите деца многу учат и се оптоварени. Не, не се. Доколку здравјето им е во прашање, секако лекарите и родителите ќе одлучат за тоа, но доколку не е ништо сериозно, сметам дека и да отсуствуваат ден-два не е проблем – рече таа.
Според Јаневска, би било проблем да се кратат учебните денови, учениците да отсуствуваат затоа што родителите ги носат на поевтин одмор, за да се подготват за писмена итн.
– Овие негативни појави полека ќе треба да почнеме да ги отстрануваме. Но, секогаш ќе одлучуваме во корист на нивното здравје. Во овој момент немаме информации дека нивното здравје е загрозено – рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Економскиот факултет при УКИМ.