КРИС РЕА СЕ ОДВЕЗЕ ДОМА САМО ТРИ ДЕНА ПРЕД БОЖИЌ Почина пејачот на култната „Driving Home for Christmas“

Британскиот рок и блуз музичар Крис Реа, чија песна „Driving Home for Christmas“ стана безвременски божиќен хит, почина на 74-годишна возраст, по кратко боледување, само три дена пред Божиќ.

389

Крис Реа, британскиот музичар чија песна Driving Home for Christmas со децении е нераскинлив дел од празничната атмосфера, почина на 74-годишна возраст, по кратко боледување.

Само неколку часа пред смртта, Реа објави емотивна порака на социјалните мрежи – фотографија од автомобил на снежен автопат и сообраќаен знак со натпис: Возење кон дома со илјада спомени (Driving home for Christmas with a thousand memories).

Во објавата подоцна додаде уште една реченица: „Од глава до пети во колони. Ако е бел Божиќ, да се надеваме дека патувањето ќе биде мазно.“

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Chris Rea (@chrisreamusic)

Музичарот е роден во 1951 година во Мидлсбро. Уште во младоста се соочил со сериозни здравствени предизвици. На само 33 години му бил дијагностициран рак на панкреасот – болест од која ретко се закрепнува. Му биле отстранети дел од панкреасот, жолчката и дел од црниот дроб, по што продолжил да живее со дијабетес и проблеми со бубрезите. И покрај тоа, Реа никогаш не дозволи болеста да го дефинира. Напротив, јавно зборуваше дека не се плаши од смртта и дека токму тешките искуства го вратиле кон неговите музички корени – односно, кон блузот.

Во 2016 година доживеа мозочен удар, а една година подоцна се онесвести на сцена за време на концерт во Оксфорд и итно беше пренесен во болница. Но и тогаш не застана: во 2017 го издаде албумот Road Songs For Lovers, а во 2019 и One Fine Day, докажувајќи дека креативната енергија не ја гасат ниту годините ниту болестите.

Зад неговиот долг и успешен пат стоеше и неговата сопруга Џоан, со која беше во брак дури 57 години, откако се запознале кога имал само 16 години. Со неа бил и во времето на создавањето на Driving Home for Christmas. Инспирацијата за песната дошла во декември 1978 година, додека Џоан го возела назад кон Мидлсбро по снимање во Лондон, пишува „Мирор“.

Во тоа време, тие имале кај себе само 220 фунти, Реа бил без договор и со забрана за возење, а Џоан го возела шест часа до Мидлсбро. Кога пристигнале дома во три часот по полноќ, на подот ги чекало писмо од американска организација за авторски права и чек од 15.000 фунти за песната Fool (If You Think It’s Over), која влегла на американските топ-листи. Парите им го промениле животот, купиле куќа, тој ги напишал стиховите за Driving Home for Christmas, но дури неколку години подоцна песната конечно добила мелодија и живот – прво како Б-страна на синглот Hello Friend (1986), а потоа како еден од најомилените божиќни хитови на сите времиња.

Крис Реа зад себе остави 25 студиски албуми, од кои два – The Road to Hell (1989) и Auberge (1991) – го освоија врвот на британските листи.

Поврзани содржини