БАДЕНТЕР ВО УСТАВНИОТ СУД И ПРИ ИЗБОР НА ВЛАДАТА Ахмети поставува услови без кои ДУИ немало да прифати да биде на власт

Ние остануваме на ставот дека Македонија треба да биде унитарна држава со граѓани што ќе имаат еднакви можности. Гласањето на влада со двојно мнозинство и гласањето со Бадентер во Уставниот суд е во тој правец и не остава простор за поделба на Македонија, вели Али Ахмети.

439

Изборот на владата да биде со Бадентерово мнозинство и со Бадентер да се носат одлуките на Уставниот суд кои се однесуваат на законите што во Собранието се донесени со двојното мнозинсто –  ова се условите ДУИ да влезе во која било идна македонска влада, вели претседателот на партијата Али Ахмети.

Ахмети, кој денеска одржа брифинг во партиското седиште во Мала Речица, придружуван од новото потесно раководство на ДУИ, е уверен дека таквите барања не излегуваат од рамката на Охридскиот договор.






Според него, ова не е штетно решение и не тешко да се реализира, а ќе донесе поголема стабилност на државата, зајакнување на нејзината единственост и функционирање на мултиетничкиот концепт.

– Рамковниот договор не беше совршен и во неговиот дух е зајакнување на унитарноста на државата. Ние сме легалисти и имаме предлог до сите што, убедени сме, може чесно да помине – изјави Ахмети.

Тој ги отфрла тврдењата дека ваквиот предлог го дава за да може да политички да се пазари, бидејќи во моментов од ДУИ зависи Бадентеровото мнозинство во Собранието.

Лидерот на ДУИ не одговори прецизно на прашањето зошто не понудил ваков предлог во претходните години, додека ДУИ беше на власт. Не одговори ниту како ќе ги натера лидерите на македонските партии да го прифатат условот.

Тој тврди дека оваа понуда долго ја анализирале заедно со домашни и со странски познавачи на Рамковниот договор и е убеден дека дошле до решение што не е еуфорично и не предизвикува вознемиреност кај Македонците.

– Сè повеќе се шират гласини дека мултиетничката држава е нефункционална. Некои размислувања со етнички контотација нè враќаат во периодот пред речиси 25 години. Слушаме тези и од дома и од надвор за поделба на државата. Ние остануваме на ставот дека Македонија треба да биде унитарна држава со граѓани што ќе имаат еднакви можности. Гласањето на влада со двојно мнозинство и гласањето со Бадентер во Уставниот суд е во тој правец и не остава простор за поделба на Македонија – рече Ахмети.

Ахмети упати порака до мнозинството дека со национализам ја водат државата во погрешен правец.

– За да се подгрее национализмот, нема подобар од мене. Јас сум еден од учесниците што ја растурија Југославија и имав проект 1981-2001. Албанците се државотворен народ во Македонија и никако не смее да бидат потценети. Не е лесно да се занимаваме со оваа филозофија што ја претставивме пред граѓаните. Македонските партии не треба да се залажуваат со албански партии вазали, кои не нудат одржливи решенија. Тие може да се прифатливи за македонските партии во одредени моменти, но се многу штетни за државата – вели Ахмети .

На прашањето за чистката во раководството на партијата по конгресот и зошто тој не заминал ако веќе смета дека со промените ќе ја реформира партијата, Ахмети рече дека „капетанот последен го напушта бродот додека бродот не стаса до брегот“. На дополнителното прашање дали брегот е Илинденска број 2, поточно влез во Владата, тој одговори дека брегот е „Европската Унија и стабилна држава“.

Додаде и дека не се откажал од барањето за предвремени парламентаррни избори. Повтори и дека клучно за борбата со корупција е неговиот предлог за ветинг на сите функционери во последните 35 години.

Лидерот на ДУИ одби да одговори дали е ова негов последен мандат на чело на партијата. Рече дека е 15 години  помлад од американскиот претседател Доналд Трамп, а промените за кои се залага и соработниците го подмладуваат.

 

 

Поврзани содржини