РЕЗОЛУЦИЈАТА НА ФИЛИПЧЕ ПРОТИВ МИГРАНТИ НЕ Е ПРИСТИГНАТА ВО СОБРАНИЕТО Ако продолжи да шири паника, кривично ќе одговара, предупреди пратеникот Стојановски
Од Собранието информираат дека до овој момент не ја примиле резолуцијата против примање мигранти во Македонија што претседателот на СДСМ Венко Филипче ја најавува со денови.
СДСМ со денови ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да ја прифати нивната резолуција со која се одвива примање мигранти во Македонја, а сè уште не ја доставил во Собранието.
Од Собранието информираат дека до овој момент не ја примиле резолуцијата.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче бара ВМРО-ДПМНЕ да докажела дека нема договор на Македонија со Велика Британија за прифаќање мигранти. Премиерот Христијан Мицкоски и други високи функционери ги демантираа изјавите на Филипче и побараа Јавното обвинителсто да реагира дека СДСМ со дезинформации шири страв меѓу населението.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери во Владата во Собранието поднесоа своја резолуција со која гарантираат дека ќе нема мигранти, која денеска се очекива да биде усвоена.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски денеска изјави дека лагите на СДСМ се разоткриени, а резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата.
– Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДСМ сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор. Разбирливо е дека СДСМ и Филипче се во континуиран слободен пад, без визија и во отсуство на вистински политики, и затоа посегнуваат по секоја цена да дојдат до некаков политички поен и краткорочен бенефит. Ова СДСМ не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди – рече Стојановски.
Ваквата кампања на опозициската СДСМ директно го нарушува мирот на граѓаните и е во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација, потенцира Стојановски.
– Токму затоа преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти. Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДСМ се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара. ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на заштитата на државните интереси и ја гарантира безбедноста и сигурноста на сите граѓани – рече пратеникот Стојановски.