📽️ НОВИ ДЕТАЛИ ЗА СМРТТА НА ПСИХИЈАТРИЈА ВО ЗАГРЕБ Смртта на Периш донела уште една трагедија во семејството

Семејството на Кристијан Јосип Периш соопшти дека неговата вереница ја изгубила бременоста по неговата смрт. Адвокатот Леон Зрниќ откри нови детали за повредите на пациентот и противречностите меѓу полициските белешки и тврдењата на болничкиот персонал.

160

Повредите на телот на Христијан Јосип Периш, кој почина во психијатриска болница во Загреб, воопшто не се од интубаија како што тврди болницата, додека неговото семејство морало цел час да се распрашува за неговата состојба пре да биде информирано за смртта, тврди адвокатот на семејството Леон Зрниќ. Ова се новите детали за случајот во Загреб што ги пренесува хрватски Индекс.

Четворица техничари се во притвор под сомнение дека го убиле 32-годишниот Кристијан Јосип Периш (32) на 21 октомври во психијатриската клиника „Свети Иван“ во Загреб.






Во спортските кругови Периш бил познат како поранешен атлетичар, дипломиран кинезиолог и тренер во спортот соборување рака. По неговата смрт дојде и потресната вест дека неговата вереница го изгубила бебето што го очекувале.

Како што соопшти семејството за хрватските медиуми, таа го изгубила бебето неколку дена пред тие да излезат со јавна изјава, односно околу две ипол недели по неговата смрт.

Членовите на семејството оваа загуба ја поврзуваат со огромниот шок и траумата што ги доживеала по настанот, порачувајќи дека одговорните со тоа одзеле уште еден живот.

– Убија уште една личност – изјавиле членовите на семејството за „Јутарњи лист“, барајќи казни и одговорност за сите што биле присутни за време на инцидентот.

Смртта на Периш го разбранува регионот.

Адвокатот на семејството отвори нови прашања во истрагата. Според адвокатот, семејството дури по еден час дознало за смртта.

– Никој не му кажал на семејството дека Кристијан починал. Прашале како е, но не можеле да добијат никакви информации, а дури по еден час им кажале дека починал – изјавил Зрниќ за хрватски Дневник.

Адвокатот ја осуди и докторката која јавно ги бранеше четворицата медицински техничари што се во притвор под сомнение за тешко убиство.

– Изјавата на докторката дека овие техничари се чесни, вредни и добри луѓе кои само си ја вршеле работата и дека таа одговорно тврди дека не претерале во своите постапки, е срамна – изјавил тој.

Адвокатот исто така ги отфрла и сомнежите дека Периш бил примен во болницата поради употреба на дрога. Тој посочува дека пациентот бил сместен во друго одделение поради влошена психичка состојба, додека медицинскиот извештај не покажал траги од наркотици.

Интубација, сомнежи за насилна смрт и противречности

Кога семејството пристигнало во болницата, првично не му било дозволено да го види телото. Образложението било дека во просторијата има друг пациент. Подоцна, сепак, им бил овозможен пристап.

Според адвокатот, на блиските им било кажано дека Периш починал од срцев удар откако примил лек. Но, кога го виделе телото, забележале повреди на главата и вратот.

– Им рекле дека овие повреди се предизвикани од интубација, но тој воопшто не бил интубиран – тврди Зрниќ.

Семејството се посомневало дека станува збор за насилна смрт и побарало полициска истрага. Адвокатот поднел кривична пријава за небрежно лекување, побарал инспекциски надзор во клиниката и зачувување на снимките од видеонадзорот.

На социјалните мрежи се прошири видео на кое се гледа како четворицата техничари употребуваат сила врз Периш, а еден од нив му става перница врз лицето.

Што пријавил персоналот, а што утврдила полицијата?

На денот на смртта на Периш, полицијата најпрво интервенирала на неговата домашна адреса, откако член на семејството пријавил дека тој е психички растроен и има параноидни мисли. Потоа била повикана итна медицинска помош, која го пренела во психијатриската клиника „Свети Иван“ во Загреб.

Според адвокатот на семејството, Периш за време на превозот разговарал со блиските преку видеоповик и им кажал дека веќе се чувствува подобро.

Полицијата двапати интервенирала и во болницата. Според службените белешки што ги пренесува Индекс, при првата интервенција, во 15:23 часот, полицајците го затекнале Периш како мирно седи на клупа, без да дава отпор или да покажува агресивност. При втората интервенција, околу 17 часот, тој веќе бил врзан за болнички кревет, видно зашеметен и дезориентиран.

Медицинскиот персонал им соопштил дека нема потреба од понатамошно полициско постапување.

Сепак, според полицискиот извештај, дежурната лекарка и вработен во клиниката претходно пријавиле дека Периш вербално ги нападнал, ги навредувал и им упатувал закани. Полицајците при своите интервенции не забележале такво однесување, ниту утврдиле основа за понатамошно постапување. Нивните констатации не ги потврдуваат пријавените закани, но не исклучуваат дека тие можеле да се случат пред пристигнувањето на полицијата.

Адвокатот нагласил дека ги разбира тешките услови во кои работи медицинскиот персонал, но смета дека јавната одбрана на осомничените е несоодветна со оглед на снимката од болничкиот видеонадзор.

Според Зрниќ, по пристигнувањето во клиниката Периш побарал да си замине, но не му било дозволено.

Смррта на Периш одекна во регионалните медиуми. Периш имал забележителна спортска кариера, а се појавувал и на телевизија. Широката јавност го памети по неговото учество во популарното музичко талент-шоу „Суперстар“ на хрватската телевизија РТЛ во 2023 година.

Во април 2026 година, тој гостуваше и во 55-тата епизода од емисијата „Нова визура“ на Универзитетот во Загреб, каде зборуваше за инклузијата на лицата со церебрална парализа и аутизам во спортот.

Поврзани содржини