РАБОТНА ГРУПА ВО СОБРАНИЕТО ЗА НОВИОТ ИЗБОРЕН ЗАКОНИК Интензивно ќе се работи на новите изборни правила
Од секоја од шесте пратенички групи ќе има по двајца претставници, како и од групите на пратениците што дејствуваат независно, и во работната група ќе организираме широка дебата за новиот Изборен законик, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши на брифинг со новинарите.
Во Собранието ќе се формира работна група која ќе работи на новиот Изборен законик, најави денеска претседателот на Собранието Африм Гаши.
На брифинг со новинарите тој рече дека на денешната координација со координаторите на пратеничките групи побарал од секоја од шесте пратенички групи да номинираат по двајца претставници. Ќе има претставници и од пратениците кои делуваат како независни, а кои немаат пратеничка група, за да бидат опфатени сите.
Се очекува дека со работната група е претседава Гаши.
Тој најави дека работната група ќе организира широка дебата во врска со новиот Изборен законик.
Неодамна премиерот Христијан Мицкоски рече дека е готов предлогот на новиот Изборен законик, но дебатата за него ќе почне по завршувањето на дополнителните локални избори во 4 општини, закажани за 11 јануари.
Гаши денеска рече дека ќе го чекаат текстот од Владата и работната група ќе работи врз основа на тој предлог.
Со новиот Изборен законик треба да се надминат сите проблеми што досега се евидентирани во изборните процеси на парламентарните, претседателските и на локалните избори. Ќе се вметнат препораките на ОБСЕ, ќе се реши начинот на финансирање на кампањата, начинот на кандидирање на независните кандидати, цензусите за излезност, предвремената кампања, но ќе се дискутираат и теми како што се изборниот модел или организирање во една изборна единица.