„ЗИМЗОЛЕНД“ РАБОТЕЛ ДВЕ НЕДЕЛИ БЕЗ ДОЗВОЛА? Општина Аеродром започнува со демонтажа на базарот, организаторите демантираат
Инспекциските служби утврдија серија прекршувања, од нерегистрирана дејност и лоши хигиенски услови, до сообраќаен хаос и недостиг на основна документација, објави Телма.
Општина Аеродром ќе го отстрани Божиќниот базар „Зимзоленд“, кој речиси две недели работи без никакви дозволи и потребна документација, објави Телма. Од Општината за телевизијата потврдија дека организаторите немале ниту еден валиден документ, иако вчера тврдеа дека се ненадлежни. Денеска најавуваат дека започнува постапката за демонтирање.
Според информациите, вчера попладне бил извршен заеднички вонреден инспекциски надзор од Градежната инспекција на Општина Аеродром, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Дирекцијата за заштита и спасување.
– Градежен инспектор на Општина Аеродром изврши увид и отпочна постапка за отстранување на поставената опрема, согласно Законот за градење и Законот за инспекциски надзор – информираат од Општината.
Дополнителни неправилности утврдиле и останатите инспекции. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека биле затекнати лица кои вршеле нерегистрирана дејност, за што ќе бидат изречени казни. Сопствениците на базарот се повикани да достават целосна документација, вклучително и податоци за тоа кој управувал со „Зимзоленд“.
Сериозни пропусти има и во делот на санитарните услови. Агенцијата за храна и ветеринарство открила дека организаторот не бил регистриран како оператор со храна и не ја известил Агенцијата дека на настанот ќе се продава храна.
– Поради неисполнување на основни хигиенски услови, АХВ изрече парична казна од 500 евра и мерка, времена забрана за вршење дејност производство и промет со храна – соопштија од Агенцијата.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи интервенирало поради сообраќајниот хаос што го предизвикува дивиот луна-парк во Ново Лисиче.
– На улицата Тодор Чангов изречени се 12 мерки за непрописно паркирани возила. Контролите ќе продолжат – информираат од МВР.
Организаторите демантираат: Не е точно дека нè затвориле, продолжуваме со работа
Откако Општина Аеродром потврди дека ќе се отстранува забавниот парк „Зимзоленд“ во Лисиче, а скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски соопшти дека паркот две недели работел без дозвола од Град Скопје, целосна збрка воведе вечерашната објава на организаторите на манифестацијата, кои велат дека не е точно оти „Зимзоленд“ се затвора и дека ќе продолжи да работи.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно“, велат организаторите во објава на социјалните мрежи. Точно е дека во претходните денови имаше инспекциски надзори, но до надлежните служби беше доставена целосната и потребна документација. Нашата мисија останува иста – да создадеме магични моменти, радост и новогодишна атмосфера за сите деца и нашите драги семејства“, велат организаторите вечерва во објавата со содржина спротивна на она што денес го наведоа институциите.
View this post on Instagram