ОБВИНИТЕЛКА НА ЉУПЧО КОЦЕВСКИ ГИ „ПЕРЕ“ ДОНЧЕВ И ФИЛИПЧЕ ОД ОДГОВОРНОСТ ЗА РЕКЕТИРАЊЕ НА СОПСТВЕНИЧКАТА НА „ДИАМЕД“ Ајде дали знаеш, паметиш Милице, за писмото на Венко до Швеѓаните?

Кривичната пријава на Вера Иванова извадена од фиока и експресно отфрлена. Операцијата е изведена откако пред еден месец предметот пандал во раце на обвинителката Милица Гаврилова, своевремено инволвирана во предметот кој служи за потсмев во правната фела и кој се раскажува како „тази дрога не е дрога, туку коноп“...

0

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 7 ноември донело решение со кое целосно ја отфрла кривичната пријава што ја поднела скопјанката Вера Иванова во септември 2019 година, против Ден Дончев, тогашен директор на Фондот за здравство и против Венко Филипче, тогашен министер за здравство. Пријавата, подоцна проширена со тврдења за инволвираност на контроверзниот Зоран Милески – Кичеец, содржи обвинувања за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за несовесно работење, во врска со финансиските односи меѓу Фондот и приватната здравствена установа „Диамед“, фирма чиј сопственик, преку друго правно лице, била токму Иванова.

Во пријавата Вера Иванова тврди дека Дончев и Филипче вршеле притисок врз неа и врз нејзиниот бизнис, барајќи провизии, одложувајќи исплати и условувајќи административни одлуки. Според неа, пријавените инсистирале на невообичаени парични трансфери. Како што е познато, Иванова го продаде својот удел во „Диамед“ на шведската компанија „Диаверум“.






На Обвинителството му биле потребни шест години да ги разгледа пријавата, целокупната документација и сите прибрани искази, за на крајот да утврди дека ваквите тврдења не биле поткрепени со докази и – да ја отфрли пријавата. Како што дознава Плусинфо, предметот, кој дремел со години во фиока во Обвинителството, пред околу еден месец бил изваден и доделен на штипската обвинителката Милица Гаврилова, сега во ОЈО ГОКК. Оваа обвинителка е позната по случајот во кој запленетите 1,2 тони марихуана во април 2020 година беа „прогласени“ за индустриски коноп, кој подоцна се „продаде“ на контроверзен српски бизнисмен за 1 евро. За овој скандал пишуваше Васко Маглешов во неколку статии на порталот Призма.

Се разбира, кривичната пријава на Вера Иванова не можела да падне во рацете на обвинителката Гаврилова без знаење на државниот обвинител Љупчо Коцевски. Основано е сомневањето дека тој решил да го затвори овој предмет и да го „исчисти“ името на Венко Филипче, актуелен лидер на опозицијата. Таргетот е Филипче, бидејќи Ден Дончев одамна е избеган во Австралија и веќе е небитна фигура.

Да се потсетиме на моќниот Ден Дончев и неговата „кидавела“ од Македонија…

Во текот на раководењето на Ден Дончев со Фондот за здравство, Плусинфо ја отвори аферата тогаш наречена „Рекет 2“ (името после го презеде една друга афера), обвинувајќи ги него и тогашниот министер за здравство Венко Филипче за обид да ја попречат продажбата на компанијата „Диамед“ на странскиот инвеститор „Диаверум“ од Шведска, со што сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување според член 353 од Кривичниот законик.

Дончев само еднаш, на спектакуларна прес-конференција во Владата, се обиде да го демантира ова и најави дека зделката меѓу сопственичката на „Диамед“ и шведската компанија „Диаверум“ е под истрага. Но, подоцна беа објавени наводи дека Ден Дончев ја рекетирал сопственичката Иванова, а на профилот „Лепливи прсти“ на Јутјуб се објави видео-снимка од која се гледа како Дончев става купче пари во торба.

По жестокиот притисок на опозицијата да се поведе истрага против Ден Дончев во врска со оваа афера, но и за еден друг скандал, во јуни 2020 година обвинителката Вилма Русковска изјави дека се води истрага за поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, но додаде дека не знае дали тој е во Македонија. Така јавноста разбра дека Ден Дончев исчезнал од Македонија некаде кон крајот на јуни таа година, а пред тоа, на 5 мај, тој поднесе неотповиклива оставка од својата функција, наводно од здравствени и семејни причини. Владата на Зоран Заев експресно ја прифати оставката.

Во меѓувреме, сопственичката на „Диамед“ беше обвинета и судена за наводна злоупотреба на службена должност и перење пари во зделката до шведски „Диаверум“. Инсталациите на Зоран Заев во правосудството ги употребија сите алатки и моќи да ја осудат Иванова, но процесот во декември 2024 година заврши со конечна и правосилна ослободителна пресуда на Апелацискиот суд од Скопје.

Како е скроена рекетарската шема што обвинителката Гаврилова не ја видела

Подносителот на пријавата против Дончев, Филипче и Милески – Кичеец од 2019 година, Вера Иванова, тврдеше дека Дончев, како организатор на кривичното дело, како и Филипче, како негов помагач, при своите постапки не се раководеле од државните интереси, туку од намерата да стекнат лична имотна корист. Ден Дончев на прес-конференција се обиде да го оспори тендерот, со кој уште во 2014 година компанијата на Вера Иванова „Диамед“ станува една од двете приватни компании со право да вршат услуги за дијализно болни пациенти. Но, редовната наплата на тие услуги од Фондот за здравство била уценета со исплата на кеш на рака на лица, кои потоа парите ги носеле на соодветни адреси, се тврди во пријавата. Тогаш се зборуваше дека сумата на овој класичен рекет достигнувала до 2 милиони евра на годишно ниво.

За да не секне тој извор на кеш, пријацвените Дончев и Филипче, всушност, се обидуваат да ја спречат продажбата на компанијата „Диамед“ на Швеѓаните. Мотивите на муртинецит Ден Дончев и на другарчињата од кланот се јасни (кеш, кеш и само кеш), а за мотивите на Филипче да им асистира веројатно ќе се расправа во некоја друга прилика. Но, за тоа малку подоцна. Откако Дончев, со поддршка на Зоран Заев, сепак не успева да ги убеди упорните Швеѓани да не ја купат компанијата „Диамед“, тој лично ќе изврши притисок да се поведе истрага против Вера Иванова и македонските органи на прогонот да ги замрзнат средствата од продажбата. Рековме веќе како заврши тој прогон – неславно за пшрогонителите.

Но, Обвинителство, во решението со потписот на Милица Гаврилова, сега, после маратонската божемна истрага, се убедило дека од материјалните и вербалните докази во предметот „не произлегува дека Дончев или Филипче сториле какво било кривично дело“. Исплатите кон „Диамед“, за кои Иванова тврди дека биле условувани или одложувани, се спроведувале во рамките на договорените рокови и без индиции дека било барано незаконско плаќање, тврди Гаврилова. Анализата на трансакциите не укажувала на финансиски неправилности, а сведочењата не ја потврдиле тезата дека службени лица барале провизии или директно влијаеле врз деловни одлуки на приватниот партнер, смета ОЈО ГОКК.

Најинтересно од се – обвинителката Милица Гаврилова заклучила дека продажбата на „Диамед“ била приватна деловна одлука, во која не биле утврдени елементи на политички или службен притисок.

Како е можно ОЈО ГОКК да не знае за хајката да се спречи зделката меѓу „Диамед“ и „Диаверум“?

Не навлегувајќи во делот на утврдувањето на вистината за тоа дали имало исплати во кеш или не – нешто за што во иднина можеби ќе се појават дополнителни, уверливи докази – во оваа прилика ќе нагласиме дека е крајно спорно тврдењето на обвинителката Гаврилова дека „обидите на Иванова да ја поврзе продажбата со службените функции на Дончев и Филипче не биле поткрепени со докази, ниту се пронашле околности што би укажале на незаконски влијанија или корист“.

Деталите за евидентниот обид на Ден Дончев и на Венко Филипче да ја спречат продажбата на „Дијамед“ и влегувањето на реномираниот шведски оператор „Диаверум“ во Македонија Плусинфо ја раскажа во анализа на авторот на овој текст на 18 септември 2019 година:

НОВА АФЕРА НА ПОВИДОК Дали Ден Дончев водел хајка да се спречи шведска инвестиција во македонското здравство?

Нема никакви дилеми дека Дончев и Филипче презеле недозволени дејствија за да го одвратат реномираниот светски провајдер на услуги на полето на дијализата, шведската компанија „Диаверум“, од намерата да влезе во Македонија преку аквизиција на „Диамед“. Тоа го сториле на начин што прво ја се потрудиле да ја доведа странската компанија во заблуда дека нејзиниот локален партнер, приватната здравствена установа „Диамед“, фирма ќерка на правното лице „Метрополитен“ (во сопственост на Вера Иванова) била под кривична истрага, а потоа, здружени со други лица во Обвинителството, успеале да предизвикаат истражни дејствија, обвиненија, судење, неправосилни и осудителни пресуди со кои ѝ нанеле дополнителни и на Вера Иванова, но и на угледот на компанијата „Диаверум“, која и сега успешно работи во Македонија.

Што правиме со писмото на Венко Филипче до шведски „Диаверум“?

Во врска со улогата на Венко Филипче во обидот да се спречи зделката со „Диаверум“ постои и еден клучен материјален доказ, што обвинителката Гаврилова не го зела предвид.  Постои едно писмо од министерот Филипче во врска со оваа работа, упатено на 1 ноември 2018 година, до првиот човек на „Диаверум“. Во писмото, министерот повторно зборува за истрагата на ОЈО и вели дека за тоа го известил шведскиот амбасадор на 22 јануари 2018 година и подоцна на 25 октомври 2018 година, во периодот кога истрага, едноставно, немало.

За да не го компромитира овој доказ во тогашните постапки, Плусинфо своевремено не го објави ова писмо на Филипче. Тоа нема да го стори и сега, бидејќи тече рокот за жалба на решението на обвинителката Верица Гаврилова, а не е исклучено да уследат и други обиди да се утврди кривична одговорност на Ден Дончев и на Венко Филипче, како и на други лица, за здружени активности да се спречи странска инвестиција и да им се нанесат ненадоместливи штети на една домашна компанија и на нејзината сопственичка.

Но, Плусинфо објави нешто друго – неспорен доказ дека такво писмо од Филипче од 1 ноември постои. Објавивме одговор на тоа писмо, упатено од „Диаверум“ до министерот Венко Филипче на 6 ноември 2018 година, потпишано од Даг Андерсон. Деталите за ова можете да ги прочитате тука:

„Диаверум“ до другарчињата: Не ни изложивте никакви докази за обвинувањата!

Накусо, првиот човек на „Диаверум“ му одговара на Филипче: „Како реномирана меѓународна компанија, пристапивме кон оваа трансакција со најголема претпазливост… Во текот на изминатите неколку години што водеа до оваа инвестиција, ние направивме длабоко истражување во кое беа вклучени Диамед и неговиот поранешен сопственик и не наидовме на никаков документ, ниту пак ни е претставен писмен доказ, што ќе ги докаже сериозните тврдења во ова писмо“ (се мисли на писмото од Министерството за здравство до „Диаверум“). Понатаму, Андерсон пишува: „Покрај тоа, ни вие (се мисли на министерот Венко Филипче), ниту премиерот или директорот на Фондот за здравство осигурување, не изложивте докази како поддршка за овие тврдења“.

Можно е обвинителката Милица Гаврилова да не го видела ова писмо?!

Додека Љупчо Коцевски и неговите обвинители жарат и палат во Јавното обвинителство – се е можно!

Сосема на крајот, сакаме да нагласиме дека ниту еден од написите на Плусинфо за овој случај не беше демантиран, никогаш не беше побарано повлекување на напис и јавно извинување и ниту една содржина не беше оспорена на било кој друг начин. Плусинфо со внимание го следеше и судскиот процес против Вера Иванова, кој на крајот заврши со ослободителна пресуда. Затоа, авторот на овој напис денес, со полно разбирање на ставот на Обвинителството за наводите од отфрлената кривичната пријава за кои нема материјални докази, изразува чудење за фактот што се занемарени јавно достапни материјални докази, кои неспорно укажуваат дека постоел директен обид да се спречи аквизицјата на компанијата „Диамед“ и да ѝ се нанесе директна штета на нејзината сопственичка.

Како тоа јавната прес-конференција на Ден Дончев во својство на директор на Фондот за здравство, неговите јавно изречени лаги и потоа најави за кривична истрага, писмото на министерот Венко Филипче до „Диаверум“ и другата службена комуникација со субјекти од Шведска насочени кон спречување на странската инвестиција не се елементи на политички или службен притисок?!

Но ете, додека Љупчо Коцевски и неговите обвинители жарат и палат во Јавното обвинителство – се е можно!

 

Поврзани содржини