„ВО ЕДЕН МОМЕНТ ЌЕ ДОЈДЕ ДО ГРД ДОГОВОР“ Европа стравувa дека ќе мора да го голтне мирот на Трамп и Путин

Имам впечаток дека неизбежно стануваме свесни дека ќе дојде до грд договор. Она што е многу непријатно за Европејците е дека Трамп сака договор во стил на големите сили: ние сме САД, тие се Русија, ние решаваме, изјави Лук ван Миделар, директор на „Бриселскиот институт за геополитика“.

0

Европа се соочува со растечка вознемиреност од можен „грд“ мировен договор за Украина што би можел да ѝ биде наметнат од новата администрација во Вашингтон и во Кремљ.

Според британската агенција Ројтерс, европските лидери стравуваат дека секој договор што нема да ја ослаби Русија може да ја доведе безбедноста на континентот во сериозна опасност, јави „Ројтерс“.






Меѓутоа, аналитичарите предупредуваат дека Европа има ограничено влијание врз исходот на преговорите. На неодамнешните разговори меѓу американските и украинските претставници во Флорида, ЕУ немала свој претставник, а денес американскиот специјален пратеник Стив Виткоф ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

– Имам впечаток дека неизбежно стануваме свесни дека ќе дојде до грд договор. Она што е многу непријатно за Европејците е дека Трамп сака договор во стил на големите сили: ние сме САД, тие се Русија, ние решаваме – изјави Лук ван Миделар, директор на „Бриселскиот институт за геополитика“.

Притоа, државниот секретар на САД Марко Рубио тврди дека Европа нема да биде исклучена и дека ќе учествува во дебатите за идната улога на НАТО и Европската унија.

Но, европските дипломати не кријат недоверба, потсетувајќи дека секој аспект од евентуалниот мировен договор директно ќе влијае врз нив – од можните територијални компромиси до новите економски односи меѓу Вашингтон и Москва.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус минатата недела изјави дека „Европа повеќе не знае на кои сојузи може да им верува во иднина“. Истовремено, американскиот претседател Доналд Трамп и понатаму го условува своето учество во НАТО со зголемување на европската воена потрошувачка.

Од друга страна, шефицата на европската дипломатија Каја Калас предупреди дека евентуалното укинување на руската економска изолација би ѝ дало на Москва милијарди долари за зајакнување на армијата.

– Ако нивниот воен буџет остане огромен, тие ќе сакаат повторно да го употребат – рече Калас.

Иако ЕУ од 2022 година има обезбедено повеќе од 180 милијарди евра помош за Украина, нејзиното влијание врз мировните процеси останува ограничено. Замрзнатата руска имотна актива во Европа, која би можела да биде искористена за финансирање на украинскиот отпор, сè уште не е предмет на заеднички договор меѓу државите членки.

Во меѓувреме, „Коалицијата на волни“ предводена од Франција и Велика Британија најави скромно воено присуство како дел од безбедносните гаранции за Украина.

– Европјаните сега ја плаќаат цената за тоа што не инвестираа во своите воени капацитети. Европјаните не се на масата, бидејќи, како што рече Трамп, немаат карти – оцени Клаудија Мајор од „Герман Маршал Фонд“.

Поврзани содржини