ПЛАНИРАМЕ ГАСНИ ЦЕНТРАЛИ ЗА ДА СЕ СПРАВИМЕ СО ЗАГАДУВАЊЕТО Градоначалникот Ѓорѓиевски смета дека греењето е главен загадувач на воздухиот
Започнавме постапка преку Светска банка за да обезбедиме повеќе од 20 комунални нови машини што ќе бидат за потребите на „Комунална хигиена“ – рече Орце Ѓорѓиевски.
Ние треба сериозно да работиме на она што е базичен проблем во однос на загадувањето, а тоа е загревањето на домаќинствата. И тука веќе имавме неколку средби со претседателот на Владата во однос на гасните централи што планираме да ги правиме во главниот град, изјави вечерва градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој гостуваше во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.
Тој зборуваше за проблемите во „Комунална хигиена“.
– Тоа што го направивме изминатиот период е заедно во координација со претседателот на Владата, министерот за транспорт и врски, веќе започнавме постапка преку Светска банка за да обезбедиме повеќе од 20 комунални нови машини што ќе бидат за потребите на „Комунална хигиена“. Тоа подразбира нова механизација, дел од старата механизација за која се одлеваат сериозни средства за амортизација и поправка да ја тргнеме настрана и настапиме со нови камиони. Во Буџетот за наредната година ќе бидат предвидени одредени средства дополнително како Град Скопје и „Комунална хигиена“, да инвестираме во нови машини, и механизација, ќе го направиме тоа – посочи градоначалникот.
Зборувајќи за вработените во јавните претпријатија, Ѓорѓиевски рече дека смета оти во „ЈСП – Скопје“ има многу договорци, чиј статус треба да се реши.
– Многу договорци има во „ЈСП – Скопје“. Но, тоа се шофери кои мора да останат да си ја вршат работата. Потребни се и дефицитарна е таа работа и ќе дадам се од себе за барем дел од нив да го решиме статусот. Затоа што таму има луѓе коишто по 12,13 години работат со договор на дело и треба да им се реши трајно вработувањето – смета Ѓорѓиевски.
Тој најави и ревизија на работењето во Град Скопје, посочувајќи дека веќе им се одземени надлежностите на 23 раководители на сектори во институцијата со која раководи.