МУ ПРОНАЈДОА ОРУЖЈЕ, УНИФОРМИ И 1,5 МИЛИОН ЕВРА Уапсен Црногорец кој учествувал на фронтот во Луганск
Полицијата откри арсенал оружје, униформи, документи и голема сума пари кај 61-годишен жител на Даниловград, осомничен дека две години војувал во Луганск во рамките на вооружени формации поврзани со Русија.
Црногорската полиција го уапси 61-годишниот Д.С. од Даниловград, кој е осомничен дека незаконски учествувал во странска вооружена формација на Руската Федерација. При претрес во неговиот дом биле пронајдени воздушна пушка без документација, воени униформи, панцири, шлемови, опрема на Козачкото братство, комуникациски уреди, СИМ-картички, голем број официјални документи, како и дури 1,5 милион евра на негова сметка, соопшти црногорското МВР.
Полицијата запленила и документи што укажуваат на поседување вреден недвижен имот, членски картички, доказ за учество на фронтот, како и странски пасоши и уверенија за државјанство.
Д.С. е осомничен дека од 2023 до 2025 година престојувал во Луганск, учествувајќи во активностите на вооружени формации во рамките на руската војна против Украина.
Во акцијата, која траела 24 часа, биле вклучени 12 лица, а биле извршени претреси на 13 локации, домови, помошни објекти и една адвокатска канцеларија во Даниловград, Никшиќ и Подгорица.
При пошироките претреси полицијата пронашла 24 парчиња огнено оружје, над 1.000 куршуми, рамки, девет ножеви, сабји, бајонети, униформи, знамиња и обележја на формациски организации, како и други предмети кои се поврзуваат со можни кривични дела.
Во адвокатската канцеларија на Ѓ.В. не биле пронајдени забранети предмети. Полицијата сè уште трага по едно лице – Ж.О.