ОДБРАНАТА СЕ ЖАЛИ ДЕКА НЕ СИТЕ ОБВИНЕТИ ГО ДОБИЛЕ ИНТЕГРИРАНОТО ОБВИНЕНИЕ Бранителите обвинија дека доказната документација е хаотична
Ние сметаме дека преку бранителите сите треба да го имаат обвиненито, меѓутоа ако немаат ќе се потрудиме преку судот да име се достави - рече судијката Диана Груевска Илиевска.
Одбраната на дел од обвинетите за пожарот во Кочани, пред почетокот на денешното рочиште, реагираше до Судот дека го нема добиено изменетото обвинение, а треба да даде воведни зборови.
– Ниту еден од обвинетите, односно најголемиот дел воопшто го немаат добиено интегрираниот текст на обвинението, а ќе се очекува да се дадат воведни зборови. Затоа предлагам судот да го расчисти ова прашање, па потоа да одлучиме во зависност од одлуката на Судот како ќе продолжиме – изјави еден од адвокатите од одбраната.
Одбраната на дел од обвинетите реагираше до Судот и дека доказната документација е целосно несредена и хаотична и побара да им бидат доставени сите докази.
Судијката Диана Груевска Илиевска рече дека Судот смета дека е нормална соработката меѓу обвинетите и бранителите и дека сите го имаат добиено интегрираното обвинение, посочувајќи дека на минатото рочиште Судот побарал електронски адреси на сите кои сакаат да им биде пратено.
– Ние сметаме дека преку бранителите сите треба да го имаат, меѓутоа ако немаат ќе се потрудиме преку судот да име се достави – рече судијката. Судот ги прифаќа приговорите на дел од бранителите дека обвинението интегрирано со листата на докази не е доставена до обвинетите, а со оглед да бранителите не прифаќаат доставата да се изврши преку нив, Судот во текот на денешниот и утрешниот ден до сите обвинети ќе изврши достава – изјави судијката.
За да нема одолговлекување на постапката, Судот донесе одлука денеска главната расправа да продолжи со изјаснување по однос на отштетни побарувања.
Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу кои и малолетници, а повеќе од 200 беа повредени. Судењето треба да продолжи со произнесување на вина и воведни зборови на одбраната, откако на изминатото рочиште обвинителството во воведниот говор порача дека се бара одговорност по име и презиме за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата во ноќниот клуб.