ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ЌЕ ДОБИЕ МОДЕРЕН ЛИК Се отстрануваат билбордите кои ја грдат станицата
За година ипол ќе биде готов проектот за реконструкција на станицата по што ќе се бара финансирање за тој да се реализира, вели директорот на ЈП Железници инфраструктура.
Железничката станица Скопје ќе добие изглед на модерна железничка станица, архитектонско решение на спој на стариот изглед од Кензо Танге со додадени нови модерни елементи, вели директорот на ЈП Железници инфраструктура, Синиша Ивановски, во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Проектот се работи заедно со Градежниот и со Архитектонскиот факултет, а во моментов се отстрануваат рекламните паноа.
– Почнавме проектирање за целосна реконструкција на железничката станица Скопје и внатрешно и надворешно. Станицата ќе се реконструира комплетно со нова електрика, комунална инфраструктура, машински дел, а надворешно ќе биде запазен првичниот изглед од Кензо Танге со имплементација на нови современи елементи. Овој проект треба да биде готов за година и пол до две од денес. Потоа ќе бараме финансирање за тој да се реализира – рече Ивановски.
Во меѓувреме е почната акција за отстранување на сите билборди што ја грдат станицата.
-Дел се постоечки, дел се пред дваесетина години. Потоа имаме една голема акција да ги отстраниме сите графити, сите постери и да ја вратиме првичната боја на столбовите и да го запазиме првичниот изглед без овие графити, постери итн. – вели Ивановски.