ВУЧИЌ СО ЕЛИТНИ АДВОКАТИ ЌЕ ТУЖИ СВЕТСКИ МЕДИУМИ Српскиот претседател го отфрла поврзувањето со аферата „Сараево Сафари“
Вучиќ повтори дека парите што би ги добил од тужбите ќе ги донира за хуманитарни цели, како и за обнова на манастир во Србија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека ќе ангажира тим од, како што рече, „најдобрите светски адвокати“ со цел да поднесе тужби против медиуми што го поврзаа со аферата „Сараево Сафари“. Тој очекува правните постапки да започнат во наредните петнаесет дена.
Вучиќ оцени дека содржината објавена во дел од меѓународните медиуми е „директна лага“ и најави дека ќе бара високи оштети.
– Кога некој толку очигледно лаже, мора и да плати. Ќе ги собереме најдобрите адвокати, па ќе видиме за околу 15 дена – изјави тој.
На новинарското прашање колку буџет би одвоил за ангажирање елитни правни тимови, Вучиќ одговори дека лично нема да плаќа ништо, бидејќи адвокатите ќе работат по принцип на процент од евентуалната судска добивка.
– Ова не се мои пари. Тие работат на принцип на надомест за успех и ќе земат процент од парите што ќе ги добиеме од овие лажговци и крадци – рече претседателот за време на обиколката на саемот „Вински визии на Отворениот Балкан“.
Тој повтори дека парите што би ги добил од тужбите ќе ги донира за хуманитарни цели, како и за обнова на манастир во Србија.
Аферата повторно се актуализираше откако хрватскиот новинар Домагој Маргетиќ на Фејсбук објави дека го пријавил Вучиќ во обвинителството во Милано, тврдејќи дека е поврзан со наводното „Сараево Сафари“ – случај за кој, според него, се интересираат и некои италијански и други меѓународни медиуми.