ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРААТ 14 ЗГРАДИ НА ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ До 2028 година ќе станат енергетско ефикасни
Секоја зграда ќе мине низ енергетска контрола, по што ќе се дефинираат конкретните мерки – од топлинска изолација на фасади и замена на прозорци, до поставување соларни системи за топла вода, фотоволтаици на кровните конструкции и модерни системи за греење, осветлување и автоматска контрола на потрошувачката.
Државата ќе реконструира 14 згради на јавни институции со цел да ги намали енергетски трошоци, да ги подобрени услови за работа и да се намалат емисиите согласно европските стандарди.
Зградите имаат вкупна корисна површина од 102.992 m²,а во нив се сместени 33 институции, што секојдневно ги користат повеќе од 5.000 лица.
Индикативната вредност на Планот изнесува околу 11,11 милиони евра, вклучувајќи технички контроли, проекти, надзор и изведба.
Планот за реконструкција на згради кои ги користат лицата од јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 го усвои неодамна владата, а го подготви Министерството за енергетика.
Со него е планирано да се реконструираат зградите на:Министерството за здравство (заедно со Институтот за јавно здравје и ДСЗИ), зградата на Државниот завод за статистика, објектот на Агенцијата за катастар на недвижности и главната зграда на Управата за хидрометеоролошки работи. Потоа зградите на Министерството за економија и труд, зградата во која се сместени Агенцијата за администрација, Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, како и големиот административен блок на МИОА, МОН, МЛС, ДИК, Агенцијата за лекови, УМЕ и Секретаријатот за законодавство (НИП „Нова Македонија“) ако и уште 8 други згради кои претходно биле реконструирани и имаат потреба од енергетска надградба и современи системи.
Секоја зграда ќе мине низ енергетска контрола, по што ќе се дефинираат конкретните мерки – од топлинска изолација на фасади и замена на прозорци, до поставување соларни системи за топла вода, фотоволтаици на покривите и модерни системи за греење, осветлување и автоматска контрола на потрошувачката.
Овие интервенции се насочени кон драстично намалување на трошоците за енергија во јавниот сектор, кои традиционално се високи и го оптоваруваат буџетот на институциите.
Паралелно, планот ги намалува емисиите на CO₂ за 29%, односно за 1.091 тони годишно, што претставува значајна придобивка за квалитетот на воздухот во урбаните средини.
Паралелно, Планот претставува важен чекор во транспонирањето на европското законодавство во делот на енергетската ефикасност (Директивата 2018/2002/EU и Регулативата 2018/1999/EU) и е директно усогласен со обврските кон Енергетската заедница.