ОБЈАВЕНИ УШТЕ 46 ВИДЕА ЗА НЛО, НЕКОИ НАВИСТИНА ШОКАНТНИ Американски Ф-16 разнесе неидентификувано летало на парчиња!
Новиот пакет документи, објавен на интернет-страницата на Министерството за одбрана на САД, содржи и аудиоснимкa од екипажот на Aполо 12, кој пријавил присуствот на мистериозни објекти додека се наоѓал во вселената.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во петокот објави нов контингент документи за НЛО, меѓу кои и снимка на која американски борбен авион отвора оган и соборува мистериозен објект што летал во американскиот воздушен простор, предизвикувајќи огнена експлозија.

Впечатливата снимка од Пентагон ги прикажува секундите пред и по моментот кога борбен авион Ф-16 испукува ракета воздух-воздух кон неидентификуван летечки објект над езерото Хјурон во Мичиген.
Инфрацрвените камери го забележале мигот кога малото летало, со кружна или ромбоидна форма и назабена опашка, било погодено од, како што наведува Пентагон, американски „оружен систем“ на 12 февруари 2023 година.
На снимката се гледа како објектот експлодира при силниот судир, а парчиња шрапнели се разлетуваат на сите страни.
Во описот на инцидентот, американските власти навеле: „Снимката прикажува кинетичка интеракција меѓу две различни контрастни објекти, при што првичниот објект се распаѓа во радијален форма што укажува на настан со висока енергија“.
Поедноставно кажано, американските воздухопловни сили употребиле ракета за да го погодат НЛО-то, по што тоа се распаднало на повеќе делови по силната експлозија.

Во писмо од март, со кое бара објавување на новите видеа, конгресменката Ана Паулина Луна потврдила дека употребеното оружје било ракета „АИМ-9 Екс Сајдвиндер“ (AIM-9X Sidewinder).
Во документите не се наведува зошто борбениот авион бил испратен во акција, ниту од која воздухопловна база полетал. Не е познато ниту дали остатоците од објектот биле извлечени од езерото Хјурон и дали биле анализирани за да се утврди нивното потекло.
Новата снимка е една од вкупно 46 видеа што во петокот ги објави комитетот предводен од Пентагон, задолжен за објавување на американските досиеја за НЛО пред јавноста.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет во соопштение објави:
„Министерството за одбрана е целосно усогласено со претседателот Трамп во напорите да демонстрира досега невидена транспарентност околу разбирањето на Неидентификуваните аномални феномени (UAP) од страна на нашата влада.
Овие документи, долго време сокривани зад ознаките за доверливост, со години поттикнуваа оправдани шпекулации и дојде време американскиот народ сам да ги види. Објавувањето на декласифицираните документи ја покажува искрената посветеност на администрацијата на Трамп кон невидена транспарентност“.
Новиот пакет документи e објавен на интернет-страницата на Министерството за одбрана непосредно пред 8 часот по источноамериканско време, а содржи и аудиоснимкa од екипажот на Aполо 12, кој пријавил мистериозни објекти додека се наоѓал во вселената.

Меѓу објавените материјали има и извештаи за светлечки портокалови сфери што кружеле околу воен хеликоптер, мистериозни „огнени топки“ што предизвикале воздушни потраги по остатоци во Ново Мексико, како и разузнавачки документи за неидентификувани воздушни феномени во близина на советски полигон за тестирање оружје.
Други видеа прикажуваат НЛО со форма на „Тик-Так“ следени од американската крајбрежна стража, светлечки сфери што се движеле низ облаците над Авганистан, неидентификувани подводни објекти што излегувале од океанот, како и повеќе брзи летала што кружеле околу воени авиони над Персискиот Залив, Источното Кинеско Море и во американски воздушен простор.
Пред почетокот на објавувањето на досиејата за НЛО на 8 мај, американската влада со децении тврдеше дека нема физички докази за постоење на вонземски летала или суштества.
Сепак, свиркачи од американските институции со години тврдат дека американската војска тајно спроведувала програми за пронаоѓање на урнати НЛО-летала од различни делови на светот и дека се обидува да го проучи и да го копира начинот на кој се направени.