ФУДБАЛСКИОТ СВЕТ ВО ШОК Пеп Гвардиола официјално заминува од Сити
Шпанскиот стратег го напушта англискиот гигант како најтрофеен тренер во историјата на клубот, а негов наследник најверојатно ќе биде Енцо Мареска.
Една од најуспешните ери во историјата на англискиот фудбал официјално завршува – Пеп Гвардиола си заминува од Манчестер Сити по десет години поминати на клупата на клубот.
Шпанскиот стратег пристигна во 2016 година и за една деценија успеа да испише историја, освојувајќи дури 20 трофеи и претворајќи го Сити во доминантна сила во Англија и Европа.
Од клубот потврдија дека и покрај заминувањето од тренерската функција, Пеп Гвардиола ќе остане поврзан со клубот како глобален амбасадор.
– Не ме прашувајте зошто заминувам. Нема причина, но длабоко во себе знам дека е вистинското време. Ништо не е вечно, ако беше, ќе бев тука засекогаш. Вечно ќе бидат чувството, луѓето, спомените, љубовта што ја имам за мојот Манчестер сити – изјави Гвардиола во емотивното збогување.
Под негово водство, Манчестер Сити освои повеќе титули во Премиер лига, трофеи во домашните купови и долгоочекуваната европска круна, со што Гвардиола стана најуспешниот тренер во историјата на клубот.
Според најавите од англиските медиуми, фаворит за негов наследник е Енцо Мареска, кој во минатото беше дел од стручниот штаб на Гвардиола и важи за човек што добро ја познава филозофијата на Сити.
Заминувањето на Пеп означува крај на една генерација во Манчестер Сити, но и почеток на ново поглавје за клубот кој во последната деценија стана еден од најмоќните во светскиот фудбал.