ГОЛЕМА ПРОМЕНА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ Ќе се гради модерен кружен тек на најризичната крстосница во Скопје
Градот распиша јавна набавка за кружниот тек на булеварите Ѓорче Петров и Македонска војска, проект што е дел од визијата „Нула несреќи“ и кој треба да го подобри сообраќајот и безбедноста.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска соопшти дека е распишана јавната набавка за изградба на нов модерен кружен тек на една од најопасните крстосници во градот, раскрсницата меѓу булеварите Ѓорче Петров и Македонска војска.
На средбата присуствуваа и пратеникот Бојан Стојаноски и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски, кои го поддржаа почетокот на проектот што треба да донесе побезбидно и побрзо движење во овој дел од Скопје.
– Ѓорче Петров добива модерен кружен тек на локација која со години е критична точка во Скопје. Со овој проект обезбедуваме повеќе безбедност, помалку метеж и побрзо движење – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека кружниот тек е само дел од пошироката програма „Нула несреќи“, стратегија со која до 2030 година ќе се редизајнираат 50 опасни крстосници и улици според европски стандарди.
– Нашата визија е јасна, Скопје да стане град во кој секој возач, пешак и велосипедист се движи сигурно и без страв – додаде Ѓорѓиевски.
Градоначалникот најави и други инфраструктурни зафати што ќе го сменат сообраќајниот изглед на западниот дел од градот.
– Следуваат сериозни инвестиции во Ѓорче Петров – ново поврзување на улицата Лука Геров, реконструкција на улица 101 во Волково, проект за новата сообраќајна артерија Веле Марков, како и изградбата на Шарпланинска со модерна инфраструктура и зеленило – рече тој.
Според него, овие проекти значат подобар квалитет на живот за жителите и поголема мобилност на целиот западен дел од Скопје.
– Продолжуваме со работа, со јасен план и со љубов кон Скопје – порача Ѓорѓиевски.