СКОПЈЕ ВЛЕГУВА ВО НОВА ФАЗА НА РАЗВОЈ Изгласан ребалансот, следуваат паркови, автобуси и реконструкции
Град Скопје најавува финансиска консолидација, подобрен јавен превоз, модерни училишта и 50 нови зелени површини.
Советот на Град Скопје денеска го изгласа ребалансот на буџетот со 37 гласови „за“, еден „против“ и еден „воздржан“, со што се отвора пат за стабилизирање на финансиската состојба и забрзување на проектите што со години стоеле во место.
Од Град Скопје велат дека ребалансот е пресвртница по долг период на блокади и нефункционалност.
– Со оваа одлука конечно се затвора едно проблематично поглавје и се отвора нова фаза. Буџетскиот дефицит го намалуваме за речиси милијарда денари, а капиталните инвестиции ги зголемуваме за околу 99 милиони. Тоа значи дека завршуваат импровизациите и почнува работата – порачуваат од кабинетот на градоначалникот.
Од градската администрација додаваат дека со ребалансот се гарантира редовна исплата на платите во јавните претпријатија и значително кратење на непродуктивните трошоци.
Според Град Скопје, клучен дел од ребалансот е зајакнувањето на јавниот превоз.
– Соработуваме со Министерството за транспорт за повторно да се активира Градскиот воз – нешто што скопјани одамна го бараат. Истовремено продолжува постапката за набавка на 80 нови автобуси, што веќе ја спроведува Владата – велат од градот.
Во план е и разгледување на БРТ-системот како современо решение за побрз и поефикасен градски превоз.
До крајот на годината, како што информира Град Скопје, сите училишта ќе добијат нови спортски терени, фитнес-зони, смарт-табли, информатички кабинети и по еден лаптоп за секој ученик првенец на генерација. Ќе се реши и деценискиот проблем со недостигот на клупи и столчиња.
Зелениот дел од буџетот предвидува почеток на парковите „Христијан Тодоровски – Карпош“ и „Лепенец“, како и 50 нови мали паркови низ различни општини.
Во делот на инфраструктурата ќе продолжат проектите што со години стагнираа: реконструкцијата на Фрањо Клуз, кружниот тек во Ѓорче Петров, третата лента на булевар Александар Македонски, булеварите АСНОМ, Хрватска и клучката кај Момин Поток.
Обезбедени се и пари за проектна документација за неколку улици и за експропријации, што отвора простор за големи булеварски зафати, вклучително и продолжувањето на Борис Трајковски.
– Овој ребаланс значи крај на застојот. Влегуваме во период на стабилизација и развој, со цел Скопје конечно да се врати на вистинскиот развоен пат – порача градоначалникот преку службите на Град Скопје.