📽️ МАКЕДОНСКО-СРПСКИ БИЗНИС ФОРУМ ВО СКОПЈЕ Стоилковиќ и Месаровиќ најавија нови инвестиции и економска соработка

На 3 декември во Скопје ќе се одржи македонско–српски бизнис форум со цел унапредување на трговската размена и поттикнување заеднички инвестиции.

159

Заменик-претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денеска во Белград имаше работна средба со потпретседателката на Владата и министерка за економија на Србија, Адријана Месаровиќ. На состанокот беше потврдено дека двете држави ќе продолжат со заеднички проекти и економска соработка, а веќе на 3 декември во Скопје ќе се одржи голем македонско–српски бизнис форум.

Стоилковиќ истакна дека форумот ќе биде насочен кон унапредување на трговската размена, создавање нови партнерства и поттикнување заеднички инвестиции.






– Бројките веќе покажуваат дека оваа година економската размена ќе биде поголема од минатата, со повеќе од 1,1 милијарда евра во првите девет месеци. Нашата цел е стабилен и економски поврзан регион на Западен Балкан – изјави Стоилковиќ по средбата во Белград.

Тој нагласи дека Владата предводена од Христијан Мицкоски води политика која носи конкретни резултати, раст на економијата, отворање на нови пазари и зајакнување на регионалната стабилност.

– Со поддршка од премиерот Мицкоски, на форумот ќе се разговара за понатамошно унапредување на соработката и пласман на македонските и српските производи на двата пазари – додаде Стоилковиќ.

Српската министерка за економија, Адријана Месаровиќ, по средбата објави дека очекува форумот во Скопје да ја засили економската врска меѓу земјите.

– Нашата цел е интензивирање на соработката и зголемување на трговската размена. Податоците веќе покажуваат раст, што е охрабрувачки сигнал за стопанството – напиша Месаровиќ на Инстаграм.

На средбата беше потврдено дека соработката меѓу Република Србија и Република Македонија продолжува да се развива во дух на партнерство, доверба и заеднички интереси.

Покрај средбата во Владата, Стоилковиќ учествуваше и на конференцијата „Western Balkans 2030“, која за првпат се одржува во Белград. Настанот ги собра претставниците на меѓународни институции, инвеститори и владини претставници, со поддршка од Европската инвестициска банка и Канцеларијата на ОН за проектни услуги.

Конференцијата, организирана од списанието „The Region“, има за цел да го промовира потенцијалот на Западен Балкан во создавањето конкурентна и поврзана Европа и ќе продолжи да се одржува во различни градови низ регионот до 2030 година.

Поврзани содржини