РУСИТЕ СПРЕМНИ ДА СЕ ОТКАЖАТ ОД КОНТРОЛАТА ВРЗ НИС Тоа ќе ги спаси Србите од нафтена криза

Руските сопственици поднеле барање до Американската канцеларија за контрола на странски средства (OFAC), во кое се бара продолжување на лиценцата за работа, врз основа на преговори со трета страна.

210

Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ, изјави дека руските сопственици на Нафтената индустрија на Србија (НИС) се подготвени да ја препуштат контролата и влијанието врз компанијата на трета страна, бидејќи компанијата сега е под санкции на САД.

Ѓедовиќ на Инстаграм напиша дека руските сопственици поднеле барање до Американската канцеларија за контрола на странски средства (OFAC), во кое се бара продолжување на лиценцата за работа, врз основа на преговори со трета страна.






„Во барањето се наведува дека руската страна е подготвена да ја препушти контролата и влијанието врз компанијата НИС на трето лице. Државата Србија официјално го поддржа ова барање. OFAC веќе реагираше со одредени коментари и се надеваме дека ќе го соопшти својот став во текот на неделата“, изјави Хандановиќ.

Нафтената индустрија на Србија беше ставена на листата на санкции на САД на 10 јануари, поради таканаречен „секундарен ризик“, односно поради мнозинското руско сопствеништво. Како што соопшти претходно министерката Ѓедовиќ, рафинеријата во Панчево, која е во сопственост на НИС треба да биде затворена до 21 ноември.

Санкциите на САД се насочени, меѓу другото, кон спречување на финансирањето на војната во Украина преку приходите на руските енергетски компании. Оттогаш, нивната примена беше одложена осум пати, а стапија во сила на 9 октомври.

Во меѓувреме, сопственичката структура на НИС повеќепати се менуваше, но мнозинството акции и натаму се во рацете на руски компании. Ситуацијата дополнително ја усложнуваат и санкциите кон руската нафтена компанија „Лукоил“, која во Србија има лиценца за редовно работење до 21 ноември.

Западните земји – меѓу кои САД, Европската унија и Велика Британија – на 23 октомври воведоа нов пакет санкции кон руските нафтени и гасни компании „Росњефт“ и „Лукоил“, со цел да извршат притисок врз Москва поради нејзината инвазија врз Украина.

Србија со децении зависи од увозот на гас од Русија, од каде што ги задоволува повеќе од 80 проценти од своите потреби за овој енергенс.

Поврзани содржини