ПО ТРИ ДЕЦЕНИИ СИПАНИЦИТЕ СЕ ВРАТИЈА Падот на вакцинацијата доведе до нова епидемија, Канада не е „безбедна земја“

Здравствените експерти предупредуваат дека падот на стапката на вакцинација, особено по пандемијата на Ковид-19, бил клучен фактор за повторното ширење на оваа високо заразна болест.

268

Канада по речиси 30 години повеќе не е земја во која сипаниците се искоренети. Панамериканската здравствена организација (ПАХО) ѝ го поништи статусот поради неуспехот да спречи епидемија што трае веќе повеќе од една година, соопшти Канадската агенција за јавно здравје.

Според британските медиуми, одлуката следи откако во текот на минатата година во земјата биле регистрирани над 5.000 случаи на мали сипаници во девет од десетте провинции и во една северна територија.






Во официјалното соопштение на ПАХО се наведува дека, иако ширењето на инфекцијата неодамна се забавило, епидемијата траела повеќе од 12 месеци, најмногу во заедници каде што процентот на вакцинирани лица е недоволен.

– ПАХО ја информираше Канадската агенција за јавно здравје дека земјата повеќе нема статус на држава во која се искоренети малите сипаници – стои во соопштението, додавајќи дека фокусот сега ќе биде ставен на масовна вакцинација и подигнување на свеста за имунизација.

Здравствените експерти предупредуваат дека падот на стапката на вакцинација, особено по пандемијата на Ковид-19, бил клучен фактор за повторното ширење на оваа високо заразна болест.

Во последните неколку години, расте бројот на луѓе кои изразуваат недоверба кон вакцините, што резултираше со појава на џебови на невакцинирано население, идеална почва за вирусот да се врати.

Според експертите, доколку темпото на вакцинација не се подобри, постои ризик болеста повторно да стане ендемска во некои делови од земјата.

Поврзани содржини