„ВРАТЕТЕ СЕ ВЕДНАШ НА РАБОТА, ИНАКУ ЌЕ ИМА СТРОГИ КАЗНИ“ Трамп упати сериозна закана кон контролорите за летање во САД
За потсетување, минатата недела беа откажани илјадници летови, а само денеска американските авиокомпании откажаа над 1.500 летови.
Американските сенатори доцна синоќа постигнаа привремен договор со кој треба да се стави крај на буџетската парализа што трае веќе 40 дена и која блокираше дел од јавните услуги, јавија американските медиуми. Но, ситуацијата дополнително се искомплицира денеска со заканата на американскиот претседател Доналд Трамп до контролорите на летови кои не доаѓаат на работа затоа што не примаат плата.
За потсетување, минатата недела беа откажани илјадници летови, а само денеска американските авиокомпании откажаа над 1.500 летови.
Трамп им порача на сите контролори на летање преку својата социјална мрежа Truth Social дека мора веднаш да се вратат на работа. Тој им се закани со казни на оние кои нема да го сторат тоа, а истовремено на оние кои продолжиле да работат за време на блокадата им вети дека ќе бидат наградени со бонус од 10.000 долари.
– Сите контролори на летање мора веднаш да се вратат на работа! Секој што нема да го стори тоа ќе биде казнет. За оние контролори на летање кои беа брилијантни патриоти и не земаа слободни денови за време на „Измамата за затворање на демократите“, ќе препорачам бонус од 10.000 долари по лице за вонредна служба на нашата земја. (…) На сите други, веднаш јавете се на работа – напиша Трамп.
Затворањето на владата, кое трае рекордни 40 дена, доведе до недостиг на контролори на летање, кои, како и другите вработени во федералната влада, не се платени со недели. Американскиот Сенат доцна синоќа се приближи кон донесување закон за завршување на владината блокада.
ФАА од петокот им наложи на авиокомпаниите да ги намалат своите дневни летови за четири проценти на 40 главни аеродроми поради загриженост за безбедноста на воздушниот сообраќај. Намалувањата на летовите ќе се зголемат на шест проценти во вторник, а потоа на 10 проценти на 14 ноември.