ДВЕ ЖЕНИ ГО НАМАМИЛЕ, ДВАЈЦА МАЖИ ГО ПРЕТЕПАЛЕ И ОГРАБИЛЕ Разбојништво во скопски мотел
Обвинителството бара притвор за четворица осомничени, една од жените сè уште е во бегство.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против четири лица – двајца мажи и две жени – осомничени за разбојништво, откако со насилство му одзеле околу 200.000 денари на еден маж во мотел во главниот град.
Настанот се случил на 30 октомври, кога оштетениот со една од осомничените жени отишол во мотел во Скопје. Таа му предложила да повикаат уште една девојка, на што тој се согласил. Двете жени потоа го убедиле да заминат во „поубав и поевтин хотел“, но штом излегле од собата, во дворот ги пречекале двајцата мажи кои биле во договор со нив.
Мажите му се нафрлиле на оштетениот, го претепале со боксови по главата и телото сè додека не паднал на земја, а потоа му ги одзеле парите, мобилниот телефон и личната карта.
Обвинителството поднесе предлог до Основниот кривичен суд – Скопје за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, поради опасност од бегство и можност да го повторат делото. Една од жените е сè уште во бегство, а мерката притвор ќе започне да важи кога ќе биде пронајдена и приведена.