НЕМА ВЕЌЕ ПОРНО СО ДАВЕЊЕ, ПРЕСЕКОА БРИТАНСКИТЕ ВЛАСТИ Не постои „безбедно гушење“
Гледањето и споделувањето ваков материјал не е само вознемирувачко, туку и гнасно и опасно, вели министерката за технологија на Велика Британија Лиз Кендал.
Онлајн содржини што прикажуваат гушење или давење во сексуален контекст ќе станат кривично дело во Обединетото Кралство, според новите владини измени насочени кон борба против насилството врз жени и девојчиња, јави Би-Би-Си.
Анализа на владината комисија покажала дека сцени на гушење се присутни на повеќето водечки порнографски страници и дека нивната нормализација влијаела врз младите корисници. Според предложените измени во Законот за казнено правосудство и полиција, и поседувањето и објавувањето на вакви видеа ќе се третираат како кривично дело.
Платформите ќе имаат обврска проактивно да ги детектираат и отстрануваат тие содржини, во спротивно ќе бидат санкционирани од медиумскиот регулатор „Офком“.
Министерството за наука, иновации и технологија на Велика Британија соопшти дека давењето во порнографијата ќе биде класифицирани како „приоритетно кривично дело“ според Законот за онлајн безбедност, што значи дека ќе биде третирано како материјал за детска злоупотреба или тероризам.
Гнасно и опасно
Гледањето и споделувањето ваков материјал не е само вознемирувачко, туку и гнасно и опасно, вели министерката за технологија на Велика Британија Лиз Кендал.
– Тие што го објавуваат или го промовираат, учествуваат во создавање култура на насилство и злоупотреба што нема место во нашето општество.
Притоа, министерката повика на одговорност на технолошките компании, барајќи од нив да го сопрат таквиот материјал пред да стане достапен на јавноста.
Сериозен облик на насилство
Истражување на Би-Би-Си од 2019 година покажало дека 38% од жените на возраст меѓу 18 и 39 години доживеале гушење за време на сексуален однос. Берни Рајан, извршна директорка на Институтот за справување со давење, ја поздравила одлуката велејќи дека ваквите сцени испраќаат „збунувачки и штетни пораки“ за тоа што е прифатливо во интимните односи.
– Давењето е сериозен облик на насилство, често користен во семејно насилство за контрола и заплашување – истакна таа.
Директорката на Коалицијата за запирање на насилството врз жените, Андреа Сајмон, оцени дека измените се „клучен чекор“ против нормализацијата на насилството во дигиталните медиуми.
– Не постои „безбедно гушење“. Жените не можат да се согласат на долгорочна штета што ја предизвикува, како оштетување на мозочните функции и меморијата – додаде Сајмон.
Сомнежи во ефикасноста на законот
Активистката Фиона Мекензи, основачка на групата „We Can’t Consent To This“, сепак изрази сомнеж дека новите мерки ќе се спроведат ефикасно. Таа потсети дека и Законот за казнено правосудство и имиграција од 2008 година веќе го криминализира поседувањето екстремна порнографија, вклучувајќи и сцени опасни по живот, но во пракса ретко се применува.
– Повеќе од пет години младите жени ни велат дека социјалните мрежи го продаваат гушењето како нешто нормално, како израз на страст. Порнографските страници го прават тоа нормално за мажите – а ниту една од нив никогаш не почувствувала последици од законот – изјави Мекензи.
Таа додаде дека е можно овојпат владата навистина да преземе мерки, но предупреди дека без доследна примена, секој нов закон ќе остане само на хартија.