„ДУИ ДА ПРЕСТАНЕ ДА ГО БРАНИ ДЕХАРИ“ Жртвите во скандалот да добијат заштита, бара ВМРО-ДПМНЕ

Наместо закрила на жртвите и отворање пат за истрага, ДУИ зборува за „подземје“ и за „фабрикувани факти“. Тоа е класичен рецепт за одвлекување внимание од суштината и за заплашување на сведоци, oбвинува ВМРО-ДПМНЕ и бара итна заштита на жртвите во скандалот.

267

„Не е етничко, туку морално и кривично прашање , ДУИ да престане да го брани Дехари, жртвите да добијат заштита. ДУИ се обидува скандалот со Фатмир Дехари да го претвори во етничка приказна. Тоа е евтин маневар. Ова не е Албанци против Македонци. Ова е злоупотребувач против жртви. Ова е прашање на достоинство, закон и одговорност, независно од етничката и верската припадност“.

Вака се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ во врска со скандалот со наводно сексуално вознемирување во општина Кичево.






„Јавноста слушна содржини кои будат сериозен сомнеж за сексуално вознемирување и притисоци во Општина Кичево. Наместо закрила на жртвите и отворање пат за истрага, ДУИ зборува за „подземје“ и „фабрикувани факти“. Тоа е класичен рецепт за одвлекување внимание од суштината и за заплашување на сведоци.

Нашите ставови се јасни:

1. Итна суспензија на Фатмир Дехари од сите јавни функции до завршување на постапките.

2. Независна форензичка проверка на аудио материјалите од вештаци што немаат допир со политиката. Се што е автентично – во обвинителство.

3. Заштита на пријавувачите и потенцијалните жртви согласно законот; отворање дискретни канали за пријава.

4. Внатрешна ревизија во Општина Кичево за работната средина и можни злоупотреби на службена положба.

5. Јавна осуда на секој обид за етничка манипулација. Достоинството на жените не е партиски штит.

Кичево не заслужува тишина и релативизација. Граѓаните се зрели и точно знаат дека клевета се крие зад оние што се плашат од вистината.

Ќе инсистираме институциите да постапат професионално и непристрасно.

Во оваа држава правдата не смее да зависи од партиска книшка, етничка припадност или функција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поврзани содржини