ПРВПАТ ЌЕ КОРИСТИМЕ ДОМАШНИ РЕСУРСИ ЗА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Македонија ќе добие сопствен центар за ВИ, најави Мицкоски

Добро е што претседателката на ЕК Фон дер Лајен тоа го најави. Станува збор за два проекта, од кој што едниот проект го добива Македонија, а вториот Србија. Досега ги користевме искуствата и ресурсите од соседните држави, отсега ќе имаме наш сопствен центар, кој ќе се занимава со вештачка интелигенција, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

426

Отворањето центри за вештачка интелигенција во Македонија е проект што го туркаше Владата, односно Министерството за дигитална трансформација, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за најавите на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, за отварање вакви центри во Македонија и во Србија.

– Тоа е проект што го туркаше Владата, односно Министерството за дигитална трансформација. Тоа е нешто супер за граѓаните во Македононија, бидејќи прв пат ќе користиме наши домашни ресурси. Тоа го правевме со факултетите ФЕИТ и ФИНКИ, и тоа е нешто за кое јас навистина сум возбуден и среќен. Тоа е заедничко кофинансирање вредно околу 5 милиони евра – рече Мицкоски.






Тој појасни дека тоа значи дека практично македонските студенти и експерти ќе можат да ги користат и црпат ресурсите, кои ги има самата ЕУ.

– И добро е што претседателката Фон дер Лајен тоа го најави. Станува збор за два проекта, од кој што едниот проект го добива Македонија, а вториот е проект што го добива Србија. Досега ги користевме искуствата и ресурсите од соседните држави, отсега ќе имаме наш сопствен центар, кој ќе се занимава со вештачка интелигенција – додаде Мицкоски.

Претседателката на ЕК Фон дер Лајен вчера од Тирана ја почна својата тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан, во чии рамки утре ќе допатува во Скопје.

Таа за време на вчерашната посета на Албанија објави дека во Македонија и во Србија се отвораат „фабрики за вештачка интелигенција“ како дел од поширока иницијатива за вклучување на регионот во технолошкиот развој на Европа.

– Сакам иднината на вештачката интелигенција да се создаде во Европа. И сакам Западен Балкан да биде составен дел од неа. Компјутерската моќ на Унијата ќе биде на ваша услуга, исто како што сакам иднината на вештачката интелигенција да се создаде во Европа, така сакам Западен Балкан да биде во нејзиното срце“, порача Фон дер Лајен во обраќањето на Инвестицискиот форум ЕУ – Западен Балкан во Тирана.

Поврзани содржини