ШАНСИТЕ ЗА СП 2026 СЕ ЖИВИ ПО БОДОТ ВО ГЕНТ Димитриевски ја сочува мрежата и првата позиција во групата
Македонската фудбалска репрезентација одигра нерешено 0-0 против Белгија на гостувањето во Гент и со тоа ја задржа лидерската позиција во групата Ј за пласман на Светското првенство 2026.
Македонската фудбалска репрезентација успеа да ги задржи шансите за пласман на Светското првенство 2026, откако вечерва одигра 0-0 против Белгија на гостувањето во Гент и остана првопласирана во квалификациската група Ј.
Првото полувреме донесе очекувана офанзива на Белгија, но македонската одбрана се покажа како непремостлива преграда. Белгискиот тим имаше 81% посед на топката, но не успеа да упати ниту еден удар во рамките на голот на Димитриевски.
Во второто полувреме сликата на теренот остана иста, а голманот Димитриевски ги одбрани сите опасни удари од Доку, Де Брујне, Онана и Опенда, што го направи најзаслужен за освоениот бод. Со ова Македонија остана на чело во групата со 12 бодови, еден повеќе од Белгија, која има натпревар помалку, и два бода пред третопласираниот Велс.
Октомврискиот циклус во мундијалските квалификации ќе биде заокружен во понеделник, кога Македонија на Арената „Тодор Проески“ во Скопје ќе го пречека Казахстан, кој денеска ја забележа втората победа во групата, совладувајќи го Лихтенштајн со 4-0. Во исто време, Велс ќе ја пречека Белгија во Кардиф.