МЕЏИТИ СО ВЕТУВАЊЕ ОД СТАРАТА ЧАРШИЈА Културата ќе го оживее Чаир и ќе донесе нов дух во Скопје

Кандидатот за градоначалник на Чаир од Вреди, Изет Меџити, од срцето на Старата скопска чаршија порача дека културата ќе биде темел на неговата визија за модерен и инклузивен град.

43

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од движењето Вреди, Изет Меџити, денеска од Старата скопска чаршија го промовираше четвртиот столб на својата изборна програма, културата, која, како што истакна, ќе биде клучна за економскиот, социјалниот и урбаниот развој на општината.

– Не сме случајно во Чаршија за да го промовираме четвртиот столб на програмата, културата, бидејќи позитивните и европските практики покажуваат дека културата го подобрува имиџот на општините и има значително влијание врз економијата – изјави Меџити, додавајќи дека меѓународните искуства се инспирација за нови пристапи во развојот на Чаир.






Како пример за успешна културна трансформација, тој ја посочи збратимената општина Боткирка во Стокхолм, која, според него, преку културни активности успеала да го подобри својот имиџ и да го зајакне локалниот економски развој.

– Општина Боткирка има 60 отсто жители со странско потекло и 40 отсто Швеѓани. Преку културата тие успеале да ја променат сликата за својата заедница и да станат препознатливи по позитивни вести – нагласи Меџити.

Тој истакна дека влијанието на културата е веќе видливо и во Старата Чаршија, каде враќањето на студентите и бројните културни активности ја оживуваат општината.

– Бројните културни активности и концентрацијата на креативниот потенцијал донесоа пресврт. Враќањето на младите го врати животот во Чаршијата – рече тој.

Меџити најави дека културата ќе биде основен столб во неговото идно управување со Чаир, заедно со младите, спортот и образованието.

– Денес ветувам дека културата ќе биде важен столб на Општина Чаир. Сакам „Звуците на Чаршијата“ да ги претвориме во културна порта, нешто како во Охрид или во Скопје. Идејата е да создадеме природна сцена во Чаршијата која ќе функционира како жива културна точка – изјави кандидатот.

Како дел од неговата програма, Меџити најави реконструкција на културниот простор кај Куршумли Ан, кој ќе се претвори во отворена сцена за постојани културни настани.

– Културните здруженија ќе ги насочиме кон Чаршијата, што ќе биде голем поттик за културниот развој и вистинско оживување на ова историско јадро – додаде Меџити.

Поврзани содржини