СУДОТ НЕ ГО ПРИФАТИ ПРИТВОРОТ Осомничените од „РЕК Битола“ остануваат дома, Обвинителството најави жалба

Судијата не го прифати предлогот за притвор на осомничените во скандалот со РЕК Битола, Обвинителството тврди дека еден од осомничените има имот во странство.

1,960

Основниот суд во Битола не го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Битола за определување мерка притвор на двајцата осомничени во големиот случај поврзан со јавни набавки во РЕК Битола. Наместо ефективен притвор, судот им одреди мерка куќен притвор.

Од Обвинителството реагираа дека не се согласуваат со ваквата одлука, укажувајќи дека постои сериозен ризик од бегство на осомничените. Како што наведуваат, еден од нив поседува значителен имот во друга држава, што дополнително ја зголемува опасноста од напуштање на земјата.






„Со оглед на околностите и можноста за бегство на осомничените, ќе вложиме жалба на одлуката и повторно ќе побараме мерка ефективен притвор“, соопштија од ОЈО Битола.

Јавното обвинителство денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице, поради сомнение за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.

Според истрагата, петмина службени лица во РЕК Битола, меѓу кои и тогашниот директор на комбинатот, се осомничени дека во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“. Тие, како што се наведува, организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот Осломеј спротивно на основниот рударски проект и потребите на рудникот Живојно.

Правното лице ДТПУ „Марковски Компани“, неговиот сопственик и уште едно лице се сомничат дека доставувале лажни фактури за непостоечки работи, со што незаконски наплатиле над 106 милиони денари од РЕК Битола.

Обвинителството до судијата на претходна постапка достави предлог за притвор на сопственикот на фирмата и на раководителот од ПЕ Рудници, додека за уште три лица се предложени мерки на претпазливост, одземање на пасоши и повремено јавување во Судот.

Поранешниот директор на РЕК Битола, кој е еден од осомничените во оваа постапка, веќе се наоѓа во притвор по друг предмет, а едно службено лице е веќе обезбедено со мерки на претпазливост од претходна постапка.

Од Обвинителството нагласуваат дека доказите, кои во изминатите месеци ги собра Управата за финансиска полиција, укажуваат на сериозни злоупотреби и дека истрагата ќе продолжи во насока на утврдување на целосната штета и одговорност.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТКРИ ШЕМА НА ПЕРЕЊЕ ПАРИ ВО РЕК БИТОЛА Испумпани 106 милиони денари преку лажни фактури

УАПСЕН БОРЧЕ МАРКОВСКИ, ЧОВЕКОТ ЧИЈА КОМПАНИЈА ВРТЕШЕ МИЛИОНИ ЕВРА ОД РЕК БИТОЛА Финансиската полиција го сомничи за местење тендер од 100 милиони денари

Поврзани содржини