СО КАМЕН МУ ГО СКРШИЛ ЧЕРЕПОТ Кандидат за советник во кома по бруталниот напад во Виница
Вербалната расправија пред ресторан во Виница прерасна во крвав напад, при кој кандидатот за советник од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ заврши во кома, а јавноста е во шок од насилството.
Напаѓачот од Виница кој минатата недела го нападна кандидатот за советник Имит Скопко, ќе одговара за нанесување тешка телесна повреда, соопшти Јавното обвинителство.
„Осомничениот 37-годишник, на 2 октомври, на паркинг простор пред ресторан во Виница, со умисла тешко телесно повредил едно лице и му го довел во опасност животот. Откако започнал вербална расправија со оштетениот, осомничениот најпрво му задал удари со тупаници, а потоа продолжиле да се удираат со камења. Во еден момент, осомничениот со камен го удрил Имит Скопко во задниот дел од главата, по што кандидатот паднал во бесознание. По ударот, му беше констатирана тешка телесна повреда – скршеница на черепот, поради која се наоѓа во кома и е неконтактибилен, а животот му е доведен во опасност“, соопшти Јавното обвинителство.
По инцидентот, на улиците на Виница се собраа роднини и пријатели на повредениот, заканувајќи се дека „ќе ја запалат Виница“ доколку тој им подлегне на повредите. Поради напнатата ситуација, градот беше обезбеден од полициски специјалци.
Обвинителството побара притвор од 30 дена за осомничениот, кој се соочува со кривична пријава за тешка телесна повреда.