САМО ДВЕ ОПЦИИ НА ИЗБОРИТЕ, ТРЕТА НЕ ПОСТОИ Мицкоски прави јасна дистинкција

Премиерот повика на доверба за Онер Јакуповски и мнозинство во советот, критикувајќи ја СДСМ за претходните 7 години власт.

272

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од митингот во Маврово Ростуше истакна дека на претстојните избори граѓаните имаат само две опции, а секој кој мисли дека постои трета – се лажe.

– Секои избори се можност да испратиме политичка порака. Граѓаните треба да знаат што можеме да очекуваме во годините кои следат, како Владата планира да работи, но истовремено и нашиот политички противник треба да извлече поука за грешките од минатото. Тие грешки ги доведоа во оваа положба во која се денес – изјави Мицкоски.






Тој побара поддршка за кандидатот за градоначалник Онер Јакуповски од владејачката коалиција и за мнозинство во советот.

– На овие избори имаме две опции. Едната опција е коалиција која во дел од општините делува формално, во некои е полуилегална или неформална, а во други делува стихијно. Но, суштината е една: желбата за власт и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ ги поврзаа СДСМ, ДУИ и Левица. Втората опција е коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ – порача лидерот ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски го критикуваше СДСМ за нивните претходни седум години на власт.

– СДСМ настапува со слоганот „Да се бореле за домот“. Но, што направија во тие 7 години? Освен жесток грабеж, предавство и понижување на македонскиот народ, ништо не испорачаа. Дали мислат на вилата на Халкидики, хациендата во Дубаи или скапите глисери? Сè што покажаа е раскош и луксуз, наместо грижа за државата – рече тој.

Премиерот оцени дека секоја порака од СДСМ е исполнета со лага, невистина и црна кампања, и порача дека граѓаните треба да се информираат и да го изберат патот на ВМРО-ДПМНЕ како единствена сериозна опција за иднината на државата.

Јакупоски: Маврово-Ростуше ќе ја направиме општина која ќе служи како сервис на граѓаните

Кандидатот за градоначалник за општина Маврово-Ростуше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Онер Јакупоски на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и потенцираше дека време е да се врати надежта во општина Маврово-Ростуше и да стане општина која ќе биде сервис на граѓаните, каде младите ќе ја градат својата иднина.

– Денес стојам пред вас со јасна цел, да ја промениме нашата општина, да ја прекинеме летаргијата и апатијата, од нефункционална општина да направиме општина што ќе биде вистински сервис за сите граѓани и еднакви можности за сите. Време е да ја вратиме надежта, време е да создадеме општина, каде младите ќе градат своја иднина тука а не во туѓина. Ви ветувам ќе бидам гласот на народот, ќе работам со силна енергија и решителност да донесеме вистински промени во Маврово и Ростуше. Мојата програма не е само парче хартија, таа е програма која ги детектира сите проблеми во нашата општина, мојата програма претставува обврзувачки документ кој се потпира во пет столбови и тоа модерна општинска инфраструктура, туризам, дигитализирана општина, зелена чиста и енергетски ефикасна и петтиот столб, општина на културата и традицијата и мост за комуникација со дијаспората – рече Јакупоски.

Јакупоски наброи дел од проектите на изборната програма и го потенцираше отворањето на нова општинска канцеларија која ќе биде центар за услуги на граѓаните, каде што ќе можат да ги подигнуваат сите потребни документи коишто се дигитализирани.

– Санација на спортската сала Македонија, предвидуваме изградба на нов мост под село Ростуше на регионалниот пат, како трет клучен проект за развој на туризмот предвидуваме изградба на пешачка и вело патека околу мавровското езеро. Ќе соработуваме со сите локални бизниси, хотели, со помош на вештачката интелегенција ќе воведеме многу новини, преку отворање на општинска канцеларија која ќе биде центар за услуги, каде што на едно место ќе можат да ги подигнат сите барани документи коишто се дигитализирани а сето ова ќе го направиме во тесна соработка со Министерството за дигитализација. Во иднина очекувам одлична соработка со раководството на националниот парк Маврово во делот на јавната чистота, со организирани акции да ги исчистиме дивите депонии настанати изминативе осум години. Во општинското комунално претпријатие ќе иницирам сериозни реформи и комплетна реорганизација – посочи Јакупоски.

Поврзани содржини