ЕВРОПА НА РАБОТ НА ХАОС, ПРЕДУПРЕДУВА ФОН ДЕР ЛАЈЕН Претседателката повикува на единство под притисок на недоверба

Во период на максимална неизвесност и глобална нестабилност, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска истакна дека единството во Европската Унија е клучно за заштита на демократијата, безбедноста и економијата на граѓаните.

552

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Европскиот парламент ја повика Европа да се обедини во услови на глобална нестабилност и закани за демократијата. Во обраќањето, таа нагласи дека единството е клучно за економската, безбедносната и општествената стабилност на Унијата.

Фон дер Лајен предупреди дека светот се наоѓа во најнесигурната фаза во последниве децении, а противниците на ЕУ се обидуваат да создадат поделби и да ги искористат тие конфликти против Унијата.






– Светот е во хаотичен и заканувачки пејзаж. Европските граѓани очекуваат од нас да испорачаме резултати, да ја заштитиме демократијата, индустријата и општествениот модел – рече претседателката.

Таа истакна дека руската пропаганда, како и дезинформациите во Европа, се насочени кон слабеење на решителноста на земјите-членки и нарушување на солидарноста.

Фон дер Лајен потсети дека ЕУ мора да реагира заедно на клучните прашања – од одбранбената подготвеност, преку економската конкурентност и создавањето работни места, до заштитата на демократијата и општествата.

– Нашата порака е јасна: Европа стои заедно и заедно испорачува. Ова е момент кога сите ние мораме да преземеме одговорност – рече таа.

Претседателката на Европската комисија истакна дека актуелната состојба бара внимание кон прашања како Украина, Газа, трговијата со САД, економската безбедност, трошоците за живот, климатските промени и безбедноста на храната. Таа ја потврди посветеноста на Комисијата да обезбеди одговори на сите овие прашања во координација со Европскиот парламент.

– Верувам дека ова е заедничка одговорност. Европските лидери и Комисијата мораат да работат заедно за да испорачаат конкретни резултати за граѓаните кога е најважно – додаде Фон дер Лајен.

Обраќањето на Урсула фон дер Лајен е во контекст на иницијативите за изгласување недоверба на Европската комисија, поднесени од групите „Патриоти за Европа“ и Левица, кои ја критикуваат Комисијата за дел од политиките и управувањето на ЕУ.

Поврзани содржини