ШВЕРЦЕРСКИ БАЛОНИ НА НЕБОТО НАД ЛИТВАНИЈА Нов „летечки“ скандал во Европа
Станува збор за примена на „невидлива“ шема, балони на голема височина, кои радарите тешко ги детектираат, особено кога има силен ветер.
Балони го затворија небото над главниот град на Литванија рано утринава, во време кога инциденти со дронови се забележани во повеќе европски градови.
За разлика од паниката од руски дронови која во последните недлеи затвора аеродроми низ Европа, во Литванија летале балони полни со шверцувани цигари.
Воздушниот сообраќај над Вилнус бил целосно прекинат откако биле забележани 25 балони на топол воздух што навлегле од Белорусија. Од нив, 10 биле соборени или пронајдени, а останатите сè уште кружат некаде во литванското небо, јави агенцијата АФП.
Полицијата уапсила неколкумина осомничени кои се обиделе да ја преземат шверцуваната стока. Не се откриени нивните идентитети, а ниту целосниот обем на операцијата.
„Воздушниот сообраќај беше прекинат заради безбедносни причини“, соопшти литванското Министерство за внатрешни работи.
Станува збор за примена на „невидлива“ шема, балони на голема височина, кои радарите тешко ги детектираат, особено кога има силен ветер.
Граничната полиција претпоставува дека балоните биле пуштени подалеку од самата граница, од внатрешноста на белоруска територија, а потоа ја минале 679 километри долгата граница и навлегле длабоко во литванскиот воздушен простор.
Вилнус, само 30 километри од границата, бил во фокусот на операцијата.
– Балоните се издигнуваат вертикално, летаат на голема височина и тешко се забележуваат со традиционални радари – објасни портпарол на граничната полиција.