🎥 „ДИВОГРАДБА СЕ ГРАДИ БУКВАЛНО ПРЕД КАБИНЕТОТ НА ГЕРАСИМОВСКИ, А ТОЈ МОЛЧИ“ Мемов го повика да ја покаже дозволата за доградба на хотелот „Маџо“

Јавно го повикуваме актуелниот градоначалник на Центар, Горан Герасимовски да ја објави целокупната документација поврзана со Хотел „Маџо“ – од барањето за градба и доградба на т.н. летна тераса, која всушност е ресторан, преку сите акти за пренамена во хотелско сместување, до неговите лични потписи на одобренијата за доградба, рече денеска портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.

287

Буквално пред кабинетот на градоначалникот, на само 30 метри од општината, се случува урбанистички криминал кој го гледаат сите жители на Центар, но за кој актуелниот градоначалник Горан Герасимовски и градежната инспекција молчат, обвини денеска портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.

Пред очите на јавноста се уништуваат дрвја, се узурпираат тротоари и јавни површини, а приватниот интерес повторно е ставен над интересот на граѓаните, посочи Мемов.

– Сведоци сме на узурпација на јавен простор, уништување на зеленило и изградба на дивоградби, токму пред очите на општината, без никаква транспарентност. Затоа јавно го повикуваме актуелниот градоначалник Горан Герасимовски да ја објави целокупната документација поврзана со Хотел „Маџо“ – од барањето за градба и доградба на т.н. летна тераса, која всушност е ресторан, преку сите акти за пренамена во хотелско сместување, до
неговите лични потписи на одобренијата за доградба. Да излезе пред центарци и да покаже документи и аргументи за тоа како е дозволено да се догради аголот од објектот во парцела 22.1 и да се изврши целосна реконструкција на соседниот објект (парцела 22.10), додека јавните површини се користат за градежните активности и зеленилото се уништува – повика Мемов.

Тој додаде дека фактите зборуваат и ситуацијата на терен е кристално јасна.

– Според ДУП „Дебар Маало 2“ на градежната парцела 22.1 е предвидено дворно место, а денес таму гледаме узурпација за угостителски намени со цврста градба. На парцелата 22.10 се изведуваат работи како целосна реконструкција – фасада, кров, внатрешност. Поставени се и надворешни скали, и тоа на тротоар, кој е јавна површина. За време на овие
интервенции исечени се две дрва и оштетен е косник од бандерата – потенцира Мемов.

Дали општинската градежна инспекција воопшто постапила по овој случај, праша тој.

– Дали е извршен инспекциски надзор, и ако е – кои се заклучоците? Дали е издаден налог за стопирање на градежните работи и за санкции, или пак, градежната инспекција при Општина Центар свесно молчи и дозволува објектот да расте пред очите на јавноста? Господине градоначалник, како е можно вакви интервенции да се одвиваат пред вашиот
кабинет, а општината да молчи – праша портпаролот на ЗНАМ.

Мемов рече дека сето ова е доказ за соучесништво и за штитење на приватни интереси на сметка на јавниот простор. Нагалси дека центарци имаат право да ја знаат вистината и
дека мора да се престане со молкот и со селективната правда.

– Доста е со политичка глума и манипулации. Горан Герасимовски, излези конечно пред граѓаните. Дали ова е твоето ветување – јавен простор за приватни бизниси? Дали ова е твојата визија – Центар без зеленило, без воздух, без иднина? Ова е понижување за сите жители на Центар кои ти дадоа доверба, а години наназад добиваат бетон наместо парк, дивоградби наместо ред, корупција наместо правда – рече Мемов.

Граѓаните знаат и Центар знае, додаде Мемов.

– На 19 октомври граѓаните ќе изберат човек кој навистина ќе работи во интерес на Центар, за граѓаните, за нивните соседи, семејства и за зачувување на јавните простори и
зеленилото – рече портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов на денешната прес конфернција.

Поврзани содржини