КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ДИРЕКТОР НА „КОМУНАЛЕЦ“ ОД СТРУМИЦА Градел без дозвола, набавувал противзаконски

Јавното претпријатие, застапувано од З.Г. и правно лице, застапувано од Г.Б., со заеднички дејствија изградиле објект од втора категорија, кој се користел како деловен објект, без притоа да биде издадено соодветно одобрение за градење од Општина Струмица, соопшти полицијата.

267

Струмичката полиција до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против З.Г.(56) од Струмица – поранешен директор на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“, против јавното претпријатие, против Г.Б.(52) од Струмица и против правно лице од Струмица, поради постоење на основи за сомнение за сторено кривично дело Бесправно градење, по член 244-а во врска со член 22 од Кривичниот законик.

„Јавното претпријатие, застапувано од З.Г. и правно лице, застапувано од Г.Б., со заеднички дејствија изградиле објект од втора категорија, кој се користел како деловен објект, без притоа да биде издадено соодветно одобрение за градење од Општина Струмица“,  соопшти полицијата.






СВР Струмица поднесе кривична пријава против поранешниот директор на претпријатието и поради постоење на основи за сомнение за сторени две кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување, по член 353 став 1 од Кривичниот законик.

„Во првиот случај, пријавениот З.Г. склучувал договори за закуп на простор пред објект – настрешница со правно лице од Струмица, која била бесправно изградена на зелена површина. Притоа, договорите биле склучувани со непосредна спогодба, иако станува збор за користење на простор за кој согласно Законот за комуналните такси е потребно општината да издаде согласност и да наплатува комунална такса согласно тарифата. На тој начин е нанесена штета на буџетот на Општина Струмица и била остварена финансиска односно имотна корист за „Комуналец“ во вкупен износ од 847.126 денари“, соопшти полицијата.

Во вториот случај, се додава, пријавениот ја злоупотребил службената положба на тој начин што во периодот од 2020 до 2023 година од истото правно лице вршел набавка на храна и угостителски услуги, без да биде спроведена соодветна постапка за јавна набавка согласно Законот за јавни набавки, со изговор дека храната била набавена за работници кои работеле прекувремено.

„Меѓутоа, во фактурите нема подетално објаснување за тоа што е набавено, односно во прилог на фактурите нема поткрепувачка документација од која може да се утврди кои лица користеле оброк, ниту пак дали работеле ноќе или прекувремено, а јавното претпријатие немало план за организирање на работа во смени. Со ваквите дејствија била причинета штета на јавното претпријатие во вкупен износ од 307.800 денари“, соопшти СВР Струмица.

 

Поврзани содржини