„НЕКА КАЖЕ ОСМАНИ КОЛКУ ДЕНА ПОМИНАЛ СО ЧАИРЧАНИ“ Вреди го обвини кандидатот на ДУИ дека жителите на Чаир му се алатка за лични цели
Сабри Азири, портпарол на Локалниот штаб на коалицијата Вреди во Чаир, денес го критикуваше кандидатот на опозицијата за општина Чаир, Бујар Османи, за недостиг на реален интерес кон граѓаните и за преголем фокус на прашања кои се надлежност на централната власт, соопшти Коалицијата Вреди.
– Кандидатот на опозицијата за општина Чаир, Бујар Османи не го интересираат жителите на Чаир, нив ги доживува како алатка за остварување на личните цели. Тој ниту ги знае точните надлежности на општината, ниту може да ги препознае вистинските потреби на граѓаните. Затоа најмногу сака да зборува за теми од надлежност на централната власт – рече Азири.
Како пример, тој го наведе начинот на кој Османи зборува за албанското обединување во 90-тите години и за политичките активности во 90-тите и во 2001 година, како да бил директно вклучен, иако во 1991 година имал само 11 години, а во 2001 само 21 година.
– За жал, неговите амбиции очигледно го тераат количината измислици што секојдневно ги пласира да добиваат размер на епски лаги. Еден пример е кога зборуваше за албанското обединување во деведесетите години на минатиот век и даваше оценки како да бил директен учесник. Бујар во 1991 имал 11, а во 2001 21 година, а без никаков срам говори како да бил активен во процесите на етаблирање на албанската политичка сила и во УЧК. Опседнатоста на Бујар себеси да си дава некакви историски улоги ги загрижува и неговите најблиски соработници кои се повеќе се сомневаат во исправноста на неговите проценки. Вакво потценување на интелигенцијата на Албанците не е видено во поновата политичка историја – додаде Азири.
Тој предупреди дека нема да биде изненадување ако Османи тврди дека бил дел од претседателскиот кабинет на Ибрахим Руговa во Косово.
– Нема да нѐ зачуди ако следно каже дека бил и во претседателскиот кабинет на Ибрахим Ругова на Косово. Затоа, ваквите интересџии како Бујар, ќе бидат збришани на локалните избори. Конечно, нека одговори Бујар Османи колку дена вкупно поминал со граѓаните во Чаир за време на неговите мандати во владите на Груевски и на СДСМ за да има образ сега да ја бара нивната доверба – зaклучи Азири.